Штипскиот градоначалник, Благој Бочварски понуди решение за активирање на Градскиот базен, во текот на летните горештини. Тој денеска изјави дека и покрај тоа што не е во ингеренции на општината, бидејќи претходната локална власт го продала базенот и земјиштето на приватен инвеститор, сепак, во интерес на граѓаните се бара начин да се пушти базенот, во кој секојдневно рекреираат млади и стари, но и има и тренинзи на летните пливачки школи.
- Општина Штип како институција нема ингеренции да натера некого да стопанисува и да го стави во функција базенот. Општина Штип заедно со ЈП „Исар“ ги става целосно своите ресурси и капацитети на располагање и излегува во пресрет за тој базен да профункционира оваа година. Водени од мотото да најдеме решение и да им излеземе во пресрет на граѓаните, денеска објавувам дека нудиме базенот да го наполниме со вода бесплатно. Секако тоа би го направиле во согласност со сопственикот на градскиот базен. Ние како општина подаваме рака со искрени намери да се најде решение за сите граѓани на општината да не бидат присилувани годинава да се разладуваат во други градови, рече Бочвраски.
Тој забележа дека и од страна на сопственикот на базенот и на земјиштето има добра воља да се стави во функција, затоа и се бара друго лице кое во текот на летото ќе го одржува и работи со базенот.