Елизабета Мирчевска, регионален директор за човечки ресурси во Атлантик Група е прогласена за најдобар HR менаџер за 2017 година.
Наградата значи и промовирање и признание на организацијата која е посветена во интегрирање на успешните практики во делот на управувањето со човечките ресурси, како една од носечките алки во делувањето на компанијата.
Изборот за најдобар HR менаџер, што го спроведува Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), се прави четврта година по ред со цел да се препознае, признае, промовира и да се награди успехот на најпосветениот професионалец во делот на управување со човечките ресурси.
Петчлената комисија одлучи дека Мирчевска треба да ја понесе титулата за 2017 година поради нејзиниот придонес во развојот на оваа област, со воведување иновативни практики за поддршка и мотивација на вработените во компанијата во која работи, а со тоа и во промовирање на важноста на професијата HR во општеството.
Наградата најдобар HR менаџер на годината на Мирчевска ѝ беше доделена во рамките на 10-тата јубилејна Меѓународна конференција за човечки ресурси која во организација на МАЧР вчера се одржа во Скопје.