ЈП „Градски пазар“ од Охрид денеска отвори зелен пазар за потребите на граѓаните од северниот дел на градот, во охридската населба „Расадник“.
Станува збор за уреден пазар во близина на Општата болница, на кој земјоделците и градинарите од градот и околината ќе можат да ги пласираат своите производи.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека од една страна производителите ќе имаат посебен простор за на едно место да продаваат дел од она што го одгледале, а истовремено да се стави ред во дејноста и да се намали појавата на диви пазари што остава лоша слика за градот како туристичка дестинација.
- Станува збор за компромисно решение, луѓето продолжуваат да си ги остваруваат своите приходи, а во исто време, се придржуваме на една законска рамка која треба да ја има ЈП „Градски Пазар“. Тука пазарџиите продаваат легално на соодветно место во добри хигиенски услови. Овој дел од градот веќе е доста населен и имаше потреба од регулирано и уредно продавање на земјоделски производи, изјави Стојаноски.
На земјоделците и градинарите од охридско во рамки на пазарот на располагање им се 15 големи и 12 мали тезги.