Средношколците од четирите општински, две државни и едно приватно средно училиште денеска ги претставија своите струки пред идните средношколци од Општина Штип на манифестацијата „Образовно рандеву“.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој приуствуваше на манифестацијата истакна дека се нуди платформа на којашто сите средни училишта имаат можност да се претстават. Притоа, на сите средни училишта им е овозможено на соодветни штандови да ги изложат своите промотивни материјали и ги претстават и своите достигнувања и реализирани проекти на мултимедијален начин.
- Оваа убава манифестација ја искористив за да им доделам признанија на оние средношколци од Штип коишто годинава освоиле награди на државни натпревари. Сакам и во оваа прилика да ги повторам заложбите на локалната самоуправа за овозможување поддршка за ваквите млади таленти да продолжат да се развиваат. Се надевам дека ова ќе послужи како мотив за средношколците и наредната година да бидат уште потрудољубиви, вредни, да учат уште повеќе и да остваруваат сѐ подобри резултати, затоа што така ги бранат боите на Општина Штип, вели Бочвраски.
Раководителката на секторите образование, ЛЕР и јавни дејности при Општина Штип, Билјана Казанџиска истакна дека целна публика на овој настан, се деветтоодделенците од сите основни училишта, но и сите останати заинтересирани граѓани.
-Одделението за образование при Општина Штип успеа да ги искоординира сите училишта да земат учество во ова „Образовно рандеву“. Дом на млади ги понуди сопствените просторни и технички капацитети и останатите потребни логистички ресурси за одржување на овој настан, вели Казанџиска.