Кај Школка во Градски парк денеска напладне со културно-забавна програма ќе биде одбележан Денот на германскиот јазик.
Настанот го организира Амбасадата на Германија, во соработка со Гете-Институт, Германската служба за академска размена (ДААД), Здружението на професори по германски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и училиштата во кои има специјални паралелки со поголем фонд часови по германски јазик.
Манифестацијата ќе ја отвори германскиот амбасадор Томас Герберих и ќе продолжи со разновидна програма - кратки театарски претстави, песни и поезија во изведба на ученици и студенти од партнерските училишта и универзитети.
Ќе има штандови на основните училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Григор Прличев“ и „Владо Тасевски“, гимназиите „Георги Димитров“, „Јосип Броз Тито“ и „Браќа Миладиновци“, државните универзитети од Скопје, Штип и Тетово, како и на германските и австриските партнери.
За посетителите ќе има квиз и лотарија, а настанот ќе заврши со рап, хип-хоп и реге на германското дуо „Uwe KAA“.