„Џифони фестивалот Македонија“ допатува и во Велес. Во салата „Бели мугри“ во Велес едно саботно мајско претпладне беше темно и тивко, додека на големото бело платно се проектираше филм наменет за ученици.
Најголем дел од овие 13 и 14-годишници од основните училишта од градот во рамки на „Џифони филмскиот фестивал на млади“ се запознаа со магијата на киното, бидејќи во Велес дваесетина години нема кино, освен повремени кино проекции, еднаш-двапати годишно во салата на Театарот.
По силниот аплауз на крајот на филмот и гласните емоции можеше да се заклучи дека им се допадна филмот што внимателно го изгледаа во еден здив. Додека со насмевки на лицата по нешто и си коментираа помеѓу себе, на дискусија ги повика модераторот-глумицата Талија Настова. Тие дебатираа за темата на филмот - насилството во училиште и даваа свои мислења, заклучоци и примери за насилство меѓу ученици од нивните училишта.
Дарко Башески извршен директор на „Џифони Македонија“ ги запозна со магијата на киното, како се прави филм и кој се’ учествува во неговото снимање и целата продукција. Тие внимателно ја следеа секоја негова информација.
По кратката пауза продолжија со работилницата за изработка на фотографии. На дводневната работилница ментор им беше познатиот фотограф Роберт Јанкулоски, кој е и професор по фотографија на ЕФТА универзитетот во Скопје.
- Во овие два дена на работилницата за ученици, иако тоа е малку нешто да се направи во областа на фотографијата, јас ги запознав учениците-слушателите со фотографскиот медиум. Тие освен теоретското предавање имаа и практична работа каде што правеа портретна фотографија,а потоа фотографираа надвор во екстериер, а потоа и внатре во ентериер. На вториот ден имавме обработка на фотографиите во компјутер и нивно печатење, појасни Јанкулоски.
Тој оцени дека учесниците направиле многу успешни фотографии и потенцира дека ако и понатаму продолжат да се интересираат за фотографија, некој од нив и професионално може да се занимава со тој медиум.
Учесниците воодушевени од „Џифони патува “
Учесниците во работилницата за фотографија внимателно ги следеа појаснувањата со искусниот и врвен фотограф Роберт Јанкулоски. Потоа и практично ги направија првите чекори во областа на фотографија. Секој од нив се трудеше да научи нешто повеќе и на крај и да отпечати успешна фотографија, која што самите ја изработиле.
Ученикот Горан Јошевски беше воодушевен од „Џифони Македонија“ како „Џифони патува“од прикажаните филмови со интересни теми за тинејџери и од работилницата за фотографија.
- Јас првпат дознав за „Џифони фестивалот.“ Се пријавив во училиште и сега сум тука и воодушевен сум од него. Многу е интересно, забавно и поучно и затоа сакам фестивалот да трае повеќе од два дена. Посебно ми се допадна филмот „Малиот ганстер“ кој имаше многу поучна тема за насилствата во училиште и не поттикна да размислуваме и самите да им помагаме на оние кои трпат насилство. Филмот беше комедија, но со поука за сите нас, потенцира Јошевски.
Василка Карамаркова беше една од многуте учеснички на фестивалот на која исто така многу и се допадна „Џифони Македонија“.
- Прекрасно е на фестивалот. Тоа за мене се многу нови искуства,а научив и многу за магијата на снимање филм и се’ што е поврзано околу филмот. Се запознав со многу другарчиња и ми беше интересно да гледам филм на големо бело платно. Многу е поубаво кога гледаш на големо платно за разлика од дома на телевизор или компјутер. порача Карамаркова.
Анастасија Бошкоска волонтер на фестивалот, студент на Факултетот за драмски уметности од Скопје, на одделот за продукција, оценува дека овој филмски фестивал за деца и млади е многу креативен и интересен што ја потикнало да се пријави и волонтира.
- Сметам дека фестивалот им е потребен на децата и младите и затоа и понатаму треба да се развива и уште повеќе да се популаризира меѓу децата и младите во Македонија. Одлично е што фестивалот стана и патувачки по градовите во земјава со цел запознавање со филмската култура и така им се приближи на децата и младите. Фестивалот колку што е забавен толку е и едукативен и ги поттикнува младите критички да размислуваат и да бидат поотворени кон многу идеи и размислувања, а воедно да им овозможи и меѓусебно дружење.Интересно е што на овој фестивал освен холивудски има филмови од цел свет,што го прави уште поинтересен и попривлечен, смета младата волонтерка Анастасија.
„Giffoni Experence“ италијански фестивал - успешно пренесен и во Македонија
„Giffoni experence“ е успешен италијански фестивал за филм наменет за деца и млади кој успешно постои 48 години, истиот како „Џифони Македонија“ кој е партнер со италијанскиот ,веќе пет години успешно работи и во Македонија, а од кои три години и како патувачки низ Македонија и за првпат гостува во Велес.
Како што појасни Дарко Башески извршен директор на фестивалот „Џифони Македонија“ Клаудио Губитози директор на фестивалот„Џифони Италија“ кога имал само 18 години го започнал фестивалот во своето мало родно италијанско гратче Џифони.
- Кога го започнал фестивалот, едноставно побарал од своите другари да донесат столчиња и прожектирале филмови во центарот на гратчето, а за денес тој фестивал да е најголем Филмски фестивал за деца и млади во светот. На него секоја година учествуваат млади од над 50 земји во светот, од секоја земја по две до четири деца. На фестивалот во изминатите десетина години од Македонија одат две до четири деца, а последниве пет години бројот се зголемува. До минатата година имавме по осум деца, а оваа година во Италија ќе носиме 12 деца и двајца студенти, бидејќи сме партнер на фестивалот „Џифони Италија“ и имаме привилегија да однесеме повеќе млади од Македонија.
Во втората половина на јули годинава, тринаесет дена тие ќе учествуваат на фестивалот заедно со млади од над 50 земји во светот. Младите кои ќе учествуваат ги бираме на фестивалот „Џифони Македонија“ кој се одржува во октомври во Скопје. Таму после секоја проекција, младите дискутираат на темата на филмот, а после тоа за Италија се бираат оние деца и млади коишто се најактивни, најелокветни во дискусијата и кои одлично знаат англиски јазик. Изборот го прават нивни врсници кои во изминатите години биле во Италија. Воедно младите бираат што сакаат да имаат на следниот фестивал, а ние како организаторите тоа им го обезбедуваме. Практично целиот фестивал и „Џифони Италија“ и „Џифони Македонија“ е направен за млади. Воедно од младите се бара што повеќе да влијаат и да го добијат она што го сакаат, а не обратно. Ние се трудиме да им го донесеме тоа што им треба на младите, појаснува Башески.
Тој информира дека фестивалот започнал да се одржува во Скопје, но бидејќи се’ што се случува во земјава е во Скопје, тие како организатори одлучиле освен во Скопје, фестивалот дополнително и да патува. Така веќе три години фестивалот како „Џифони патува“ им го носат на децата и младите во повеќе градови во земјава. Годинава „Џифони патува“ беше во Куманово, Берово, Тетово, Штип, Охрид, Битола, Прилеп и Велес.
- Ваков фестивал по два дена правиме во секој град, со цел идејата на „Џифони“ да се приближи до нив и да им се понуди една културна содржина и еден нов начин на неформално образование. Воедно и поттикнување на младите да го кажат своето мислење, да дебатираат, но и да изберат своја идна професија и своја иднина. Начинот на кој работи фестивалот е да се поттикне онаа генерација којашто сака да оди напред, да се насочи кон вистинскиот пат и да не се плаши да одбере она што навистина го сака како своја иднина. Понатаму планираме проектот да го прошириме и како на младите да им се помогне после основното и средно образование, а каде да одат понатаму и како да стигнат до меѓународни стипендии за студии во странство. Во Македонија има многу таленти, но само треба да се охрабрат,потенцира Башески.
Антоанела Димитриевска