Првиот том од „Македонска рок енциклопедија“ на Тошо Филиповски беше промовиран синоќа во Кочани, како една од придружните содржини на 55. Драмски аматерски фестивал.
Авторот искажа благодарност до фестивалската управа што овозможила книгата која е капитално дело за историјата на македонската рок-музика да доживее промоција во неговиот роден град.
- Ова е само гребење по површината на музичкото богатство што се натрупувало низ годините, а за негово целосно разоткривање потребно е подлабоко и посеопфатно истражување. Сега сум посветен на работата на следниот том од книгата, во кој освен Канго и групата „Тенеси“ свое место ќе имаат и други музичари од моето Кочани кои оставија белег на нашата рок-сцена, рече авторот Филиповски.
На промоцијата на книгата, авторот изрази надеж за посериозна финансиска поддршка и дека за издавање на нејзиното продолжение нема да се чека уште шест години.
Според Филиповски, со организирањето на придружните настани на ДАФ, Кочани е на вистински пат да ја возобнови својата урбана култура која во изминатите години имала огромна стагнација.