Без проблем ја најдовме улицата „Табелион“ број 31 во Брисел на која е лоциран ресторанот „Чез аугуста“. А таму, нешто по 19 часот, веќе сите маси беа подготвени. Во заднина, тивко, се слушаше македонска традиционална музика.
Не пречека сопственикот на ресторанот Оливие Казаубон, љубезно, со лош, но интересен, многу симпатичен англиски нагласок, додека келнерката, преубава црнкиња, беше зафатена околу шанкот. Се претставивме. Рековме дека сме дојдени по повод Македонската вечер, да го поддржиме нашиот готвач Дејан Карапеев, момчето кое не се штедеше да ја претстави својата земја, готвејќи традиционални јадења на современ, модерен начин.
И навистина. Со мали измени и варијации по сопствена идеја, смело креирајќи, Карапеев подготви уникатно гастрономско патување во кое сите уживаа.
Го најдовме долу, во кујната, со своите помошници од „Чез аугуста“, зафатен околу додекорирање на предјадењето. Главното јадење му беше речиси готово, го привршуваше и десертот.
Пристигнаа и првите гости. Изгледаа како да се од Македонија. Не не излажа проценката. Веднаш се запознавме и почнавме да разговараме. Ни кажаа дека доаѓаат од Гент. Набрзо пристигнаа и други гости. Така постепено, ресторанот се полнеше.
Почна сервирањето на предјадењето: леден колач од лутеница, ролат од суви везени пиперки, галичко овчо бело сирење и кајмак, галички овчи кашкавал со власец (вид кромид, тенок како игла) и варен кромид со сос од вински оцет.
Претходно, гостите беа послужени со струмичка мастика и домашна жолта ракија, додека во текот на вечерата се пиеше вино од автохтоната македонска сорта „станушина“ која ја има само во тиквешкиот регион и е заштитена со посебен президиум од Слоу фуд Македонија.
Главното јадење се состоеше од модар патлиџан полнет со тавче-гравче и јагнешка коленица во сос од праз и суви пиперки, додека десертот беше сладолед од кадаиф, ореви и суво грозје. Всушност, на чипс од кадаиф беше додаден сладок прелив од станушина, а врз него имаше слатко од дива смоква со младо кравјо сирење.
Невообичаено и превкусно, а на изглед преубаво.
- Презадоволен сум од тоа како помина вечерта, особено зашто имаше повеќе гости од најавените. Наместо 22 - 24, дојдоа 30. Планирав 25 порции, но потоа морав да направам максимум за да се извадат плус. Секогаш гледам од вратените чинии, ако се е „чисто“, значи било вкусно. Се потрудив да ги доловам вкусот и традицијата на Македонија во модерна верзија. Ги искористив сите наши продукти заштитени од Слоу фуд. Ги подготвив на старински начин, но ги сервирав посовремено, со моја креација и малку измени. Го искомбинирав менито по мое мислење. Сметам дека се беше супер, а презадоволен е и колегата, сопственикот на ресторанот Оливие Казаубон, рече Карапеев кој се качи да не види откако привршивме со јадењето.
Истакна дека му се допаѓа начиот на кој функционираат рестораните тука, во Брисел, со резервации. Го замоливме да ни каже нешто повеќе околу подготовката на вечерата.
- Ова што го направивме вечер беше слично на стилот што го работи Оливие. Најпрво подготвив сладолед од кадаиф зашто требаше да се замрзне. Потоа се зафатив за јагнешкото месо кое треба да се пече подолго, 2,5 часа, на тивко, за да биде сочно. За модриот патлиџан полнет со тавче-гравче ми беа потребни околу три часа, а време ми требаше и за предјадењата кои се прилично комплицирани иако вака, едноставно изгледаат. Лутеницата ја донесовме од Македонија и ја доработивме тука. Ја споив со желатин за да добијам поголема густина.
Направив ролат од суви везени пиперки полнети со кајмак и галичко овчо сирење. Имаше и галички кашкавал. Го фламбирав за да се смени вкусот, горе малку да биде изгорен, а одоздола да остане вкус на чист кашкавал. Него го послуживме со ситно сецкан власец. Од страна чинијата беше украсена со к’цана (триена) сол за да се направи контраст на боите. Чиниите беа потемни, а боите на предјадењето светли. Секогаш треба да бидеме претпазливи при сервирањето, за вкус, за мирис и за око, објасни готвачот.
Менито, промотивно, чинеше 37 евра.
- Во нормални услови ваквите менија се далеку поскапи. Сепак, вечерва поентата е дружење, претставување на богатството на Македонија. Затоа избравме и пристојна цена за да може луѓето да пробаат од македонската кујна и традицијата, напомена нашиот готвач, видно горд и среќен од она што го сработи.
Гостите беа презадоволни, а оние од Македонија, како што рекоа, одамна немаат конзумирано наша домашна храна, особено не вака, сервирана поинаку, модерно.
- Ме прашаа од каде ми е идејата, а Белгиецот, сопругот на една од македонските гостинки, мислам дека беше најзадоволен. Неговата чинија беше „излижана“, прв изеде се, рече Дејан низ насмевка.
Предлогот да се слуша македонска традиционална музика за време на вечерата бил на Оливие.
- Додека седевме со газдата на ресторанот и пиевме кафе, договорајќи се околу подготовката на јадењата, му ја подарив мојата книга со рецепти што неодамна излезе од печат. А тој на тоа ми рече: Сега ќе те изненадам и јас со нешто. Во тој момент, ми пушти македонска музика. Јас само му кажав дека е добро да биде народна, традиционална. Практично, го насочив. Со оглед дека во текот на вечерата бев долу во кујната, сервирав, не слушнав што точно се пушташе, но се надевам дека сепак, тоа одеше во заднина цело време, дополни Карапеев.
Пред да си замине, тој и ја подари со потпис и посвета својата последна книга рецепти на гостинката и веќе наша пријателка Семра Даца.
Потоа, го почекавме да ги собере „инструментите“ и заедно си отидовме, заблагодарувајќи му на Оливие за поддршката и отстапениот простор. На патот до хотелот не престанавме да споделуваме впечатоци.
Македонската вечер беше најавена уште на 14 мај, на фејсбук профилот на „Чез аугуста“, а го промовираше и меѓународната организација Слоу фуд заедно со останатите осум „вечери“ на земјите-учеснички на „Тера Мадре Балкан“: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, Бугарија, Романија и БиХ. И нивните готвачи истовремено, од 19 часот, во други осум ресторани низ Брисел подготвуваа традиционална храна на модерен начин.
Мотото беше „девет шефови, девет ресторани, девет земји, едно патување“, а настанот „Брисел го вкусува Балканот“.
Мирјана Чакарова