Европа со своите специфични континентални вредности, секуларноста како уставно начело и веронауката, односно религиозното образование во Европа со аспект на практиката во Македонија, беа тема на дискусија во рамки на Научната средба што во организација на Асоцијацијата на професори по етика во религиите „Просветление“ денеска се одржа во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид.
Ѓоко Ѓорѓески, декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје истакна дека научната средба повторно ја истакнува потребата од религигиозна едукација, оттаму што се смета дека созреани се услови од изборен предмет таа да биде воведена во редовниот образовен процес.
- Во Македонија беше дадена можност учениците да посетуваат настава по предметите етика во религиите и историја на религиите. Искуствата се различни, во определени градови посетеноста на наставата по предметот етика во религиите е значителен, како Битола, Прилеп, Тетово и некои градови во источниот дел на Македонија, но интересот во Скопје е мошне скромен, а во некои градови воопшто и не се практикува како што е случајот во Охрид, истакна Ѓорѓески.
Европската практика покажува дека од држава во држава различно се пристапува кон изучувањето на религијата во образовниот процес.
Марија Ангеловска, експерт од Шведска во областа на меѓународно право, изјави дека пристапот кон односната тематиката во Македонија се базира врз принципот „црно-бело“, односно целосно да се прифаќа или одбива религиозната наука во образованието.
- Толкувањето на секуларизмот кај нас не е кристално јасен, и се определува со правните прописи. Навлегувањето во праксата на секуларни држави во Европа кои се практично атеистички покажува дека истите го предвидуваат религиозното образование, не како веронаука односно исповедање на една вера, туку повеќе на формата на религиите каде се расправа за различните религии во светот, различните погледи во животот и едноставно моралот и етиката, рече таа.
Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи во РМ укажа на различните толкувања кога станува збор за секуларноста како начин на уреденост на државите.
- Често има случаи кои отвараат дискусии во јавноста дали секуларноста е заштитена односно повредена како уставно начело или темелна вредност. Секуларноста треба да се сфати како гарантирање широки, неприкосновени верски слободи и права на граѓанинот, но на индивидуата. Истовремено тоа значи дека државата нема право да воспоставува иницира религиозност кај широките народни маси. Таа е гаранција на правото на поединецот да практикува вера, никако државата да наметнува или фаворизира одредена вера, истакна Сотировски.
Директорот на Комисијата за верски заедници со осудување се осврна на инцидентот во радовишкото училиште, оценувајќи го како недозволиво поведение на поединци.
- На верски обреди и ритуали не им е место во образовниот процес. Добро е што просветниот инспекторат спроведува истрага, ги проверува и утврдува фактите и час поскоро треба за тоа да биде запознаена јавноста. Како држава мораме секуларноста да ја разбираме на вистински начин, да гарантираме на секое дете, согласно желбите на неговите родители, надвор од училишниот двор да имаат право слободно да практикуваат вера, но во училниците нема местоза такви работи, истакна Сотировски притоа упатувајќи апел да се огласат и да го осудат инцидентот и оние организации и институции кои во минатото реагирале за слични ситуации, но и за различни што се третирале како слични во јавниот простор.