Контрола на квалитет на произведените матици и нивно бележење, ставање на матици во транспортни кафези и вежба за проверка на стекнатите практични знаења: пресадување на ларви за производство на матична млеч и матици, работеа денеска триесет кривопаланечки пчелари на едукативна теренска работилница на пчеларник во село Лозаново.
- Здружението за пчеларство „Пчела" денеска ја одржа последната, петта, работилница од проектот „Промоција и примена на современи апитехнички методи за унапредување на производство на примарни пчелни производи-мед, полен, прополис, матичен млеч и пчелин отров и сериско производство матици", истакна Милош Славковиќ, од ЗП "Пчела", Крива Паланка.
Обуката ја спроведуваат Мирољуб Голубовски и Бранко Соколов, професионални пчелари со повеќегодишно работно искуство, во соработка со тимот од локални пчелари задолжен за имплементација на проектот.
- Досега се спроведени вкупно четири, од кои три теренски работилници, на следниве теми: апитехнички методи за производство на мед, полен, прополис, матичен млеч и пчелин отров, производство на чаури, припрема на рамки за пресадување на ларви, формирање на стартер, одгледувчко семејство, и пресадување на ларви за производство на матици, ставање матичници во кафези и нивно префрлање во финишери и пресадување на ларви за производство на матична млеч и вадење матична млеч и формирање на оплодници и додавање на матичниците во истите, како и денешната финална со која е заокружен проектот, истакна Славковиќ.
Посочи дека проектот е финансиран од општина Крива Паланка со грант - средства предвидени за поддршка на граѓански организации, здруженија на граѓани и фондации за 2018 година.
Целите на проектот се преку теоретски и практични работилници, членовите на Здружението да се запознаат и да започнат да ги применуваат современите апитехнички методи за унапредување на производството на примарните пчелни производи, како и сериско производство на матици.