Охрид денеска ќе мине во знак на спортот, дружењето и рекреацијата во рамки на најголемата и најмасовната спортска манифестација „Охрид трчаТ 2018“.
Повеќе од илјада учесници ќе трчаат во три дисциплини. Натпреварувачкиот дел е трката на десет километри додека петкилометарската и тим-билдинг трката се со рекреативен карактер. Трасата на трката минува низ најубавиот дел на Охрид, низ улиците од централното градско подрачје и Стариот дел на градот.
Најмасовна тим-билдинг екипа во рамки на „Охрид трчаТ“ ќе биде онаа на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со Предизвици“. Шеесеттина нивни активисти, но и сами пациенти со ретки болести и нивни семејства преку учеството на манифестацијата ќе ја дадат својата поддршка со цел подигнување на јавна свест, навремена и бесплатна дијагноза, пристапност и достапност на лековите за пациентите со ретки болести.
Инаку, свое учество во манифестацијата веќе потврдија бројни професионални спортисти, како и јавни личности од забавниот, културниот и политичкиот живот, меѓу кои и министрите Венко Филипче, Дамјан Манчевски и Драган Тевдовски, амбасадорите на САД и на ЕУ Џес Бејли и Самуел Жбогар.
Организаторите за што подобра промоција на Охрид и Атлетскиот викенд, како минатата така и оваа година обезбедија пренос во живо (https://www.youtube.com/watch?v=TUOrLyaSQm4). Во отворено студио ќе има многу гости, разговори со организаторите и други од гостите и учесниците на спортската манифестација. Преносот во живо ќе започне во 9 часот и 20 минути, а почетокот на трките е закажан за 10 часот.