Размена на искуства и соработка меѓу активистите и здруженијата, едукација и информирање на граѓаните за употребата на медицинскиот канабис, но и можност за купување на разни производи е она што го одбележува првиот балкански саем за канабис „Balkannabis expo“ што викендов се одржува во Атина. Меѓу земјите учеснички е и Македонија, преку здружението „Зелена алтернатива“. Со свој штанд, но и со предавања и учество на панел дискусии, посетителите, домаќините и учесниците се запознаваат со македонското искуство со медицинскиот канабис.

Дописничката на МИА од Атина го посети саемот и поразговара како со организаторите и учесниците, така и со Филип Достовски од „Зелена алтернатива“, кој вели дека во Грција првпат годинава се одржува вакво нешто, а Македонија веќе има искуство со организирани пет идентични семинари со истите предавачи кои сега се во Атина.

Достовски коментира дека Македонија во овој момент е лидер во регионот во однос на медицинскиот канабис, но, како што рече, доколку не се направи нешто да се излезе од статусот кво, другите земји што се движат брзо, ќе бидат пред нас.

- Да не ми се налутат луѓето од саемот, но ние повеќе нив им користиме, отколку тие нам, во смисла дека ние сме многу понапред како држава, со законот, со знаењето на луѓето, многу го користат маслото, многу сме отидени напред. Ние како здружение направивме пет семинари со истиве предавачи. Тука има фирми, поддршка, народ. Кај нас нема посетеност, пет пати направивме вакво нешто, пет години по ред, со истите предавачи. Грција сега почна во 2018, а ние во 2014. Во моментов ние сме уште пред нив, но ние се движиме со 10 километри на час, а тие со 100, вели Достовски во разговор за МИА.

Во однос на учеството на саемот, тој вели дека „Зелена алтернатива“ е во континуиран контакт со организациите и активистите од регионот и пошироко, а со организаторите на саемот во Атина се запознале на работилница во Шпанија.

- Ние како „Зелена алтернатива“, постојано патуваме, низ цела Европа, по земјите каде што на некој начин е регулирано, каде што има здруженија, каде што има активисти. Постои голема мрежа на луѓе што комуницираат. На пример многу работи во Македонија ние знаевме како да ги изиграме затоа што прво се случија во Словенија и Хрватска и тоа навистина ни помогна. Континуирано комуницираме со луѓето што го организираат овој саем, се запознавме во Шпанија на една работилница, објаснува Достовски.

Македонското искуство би можело да им користи и на домаќините, но и на учесниците од другите земји кои се уште се борат за легализација на медицинскиот канабис . Во Грција е легален, но, како што вели за МИА, организаторот на саемот Михалис Теодоропулос, има недостиг на одлуки од Министерството за здравство што се однесуваат на пациентите и на дозирањето.

- Ова е прв „Balkannabis expo“. Ние, како активисти, веќе 15 години се занимаваме со прашањето, организираме информативни настани, кампања за информирање и бидејќи во изминатите две години е променето законодавството рековме да преминеме кон имплементација и да помогнеме во правилното користење. Затоа донесовме многу говорници од странство, да ни кажат што се случува во другите земји и да можеме добрите примери да ги искористиме во Грција, вели Теодорпулос.

Во Србија пак, ситуацијата е многу поразлична за разлика од онаа во Македонија и Грција. Маја Васиќ од организација „ИРКА“ која се бори за измена на законските регулативи за легализација на канабис во Србија, во разговор за МИА објаснува дека во моментов не постои никаков закон за легализација.

- Во Србија ситуацијата е особено лоша. Немаме никаков закон за легализација, а во моментов, законот што постои за психоактивни контролирани супстанци е многу ригорозен. Па така дури и луѓето што сакаат да одгледуваат канабис за индустриски цели, без голем процент на ТХЦ се многу ограничени, бидејќи можат да купат само два локални вида на семки што имаат под 0.3 ТХЦ и ваквите семки за некои производи се лоши. Во однос на медицинската употреба, уште во 2014, тогашниот министер за здравство, ветуваше легализација на медицинскиот канабис, но тој тоа го споменуваше во контекст на синтетички канабис. Но, ни тоа не е исполнето, вели Васиќ.

Во Македонија канабисот не е табу тема

Употребата на канабисот за медицински цели во Македонија не е непозната или пак табу тема. Во Грција полека луѓето почнуваат да се информираат и да го елиминираат стравот, додека пак во Србија и понатаму постојат предрасуди.

- Употребата на медицинскиот канабис во Македонија не е повеќе табу тема, сега сите користат, сите бараат, вели Филип Достовски од „Зелена Алтернатива“.

Организаторот на саемот, Михалис Теодоропулос, коментира дека постои табу на Балканот, но во последните години се искоренува.

- Постои табу на Балканот. Канабисот од многумина се третира со страв, но сепак, во последните години, бидејќи постојат информации од медиумите и интернет се повеќе луѓе го прифаќаат и тоа го гледаме од народот што учествува овде на саемот, вели Теодоропулос.

Маја Васиќ од српската организација „ИРКА“ коментира дека и медиумите имаат свое влијание врз негативниот став на граѓаните за употребата на медицинскиот канабис.

- За жал уште постои стигматизација, за жал уште постои страв, најмногу поради тоа што мејнстрим политичарите и мејнстрим државните медиуми, најпопуларните медиуми, се шегуваат на таа тема или отворено се против, па дури и ги потценуваат активистите и оние кои што се лечат, вели Васиќ за МИА.

Над 120 изложувачи учествуваат на првиот „Balkannabis expo“ во Атина

Балканскиот саем е под покровителство на Министерството за здравство на Грција, периферијата Атика и општина Атина. Започна во петокот со свечено отворање, а завршува денес. Посетителите на саемот имаа можност да се запознаат, да пробаат или да купат производи од канабис на штандовите на над 120 изложувачи и да ги слушнат искуствата на 35 предавачи од 17 земји.

Филип Достовски од „Зелена Алтернатива“, учествуваше на панел дискусија со други активисти од Балканот за искуствата во Македонија, додека пак денес ќе говори на работилница за активизам.

- Ќе го пренесеме она што сме го направиле и како сме успеале да го направиме во Македонија, кој е начинот, ние ќе го кажеме нашето искуство, па нивно е како ќе го искористат. Имаме добра соработка, се интересираат за она што се случува кај нас, вели Достовски за МИА.

Сања Ристовска



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2018 18:31