Со потсетување на минатото и разбудување на спомените за родниот крај, некогашните жители на Мариово и оние што се уште се на родната грутка, денеска по 34-ти пат се сретнаа на традиционалната манифестација „Мариовско-мегленски културни средби“ во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште. Со песна, спомени, со сеќавање на некогашниот живот на големото Мариово, Мариовци со копнеж посакуваат да заживее оваа, една од најретко населените области на Балканот.

Мариовецот Стојко Крајоски кој се иселил во 70-ите години вели дека секогаш се навраќа во родната куќа. Сега во прилепско Мариово има околу 300 жители, а порано беше и општина.

- Сега како пензионер секојдневно сум во родната куќа во Витолиште, ја возобновувам, а спомените навираат. Тешко дека Мариовци може да се вратат, само државата може да направи нешто. Ние не можеме како поединци. Но, туристички се промовира Мариово, вели Крајоски.

Според 77-годишниот Стојан Вршковски, кој останал во родното Витолиште, има се помалку луѓе и останале претежно старите.

- Во Витолиште се околу 40 жители, главно стари, има неколку помлади, но тоа не е ништо, вели Вршковски.

За Стојан Ѓуровски, претседател на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ кое е и организатор на манифестацијата, целта е да се сретнат некогашните жители.

- Целта е да се сретнат Мариовци од каде и да доаѓаат, да си помуабетат за минатото, сегашноста, но и за иднината. Да не се заборават врските со родниот крај. Се уште ги очекуваме Мегленци со кои Мариовци низ вековите имале силни врски, трговски, семејни, лични, добрососедски. Се надевам дека пак ќе почнат да доаѓаат. Радува тоа што првпат годинава имаме гости од Разлог, Бугарија. Здружението досега организирало и научни трибини за развојот на Мариово, а според стручните лица има можност преку изградбата на хидроцентралата Чебрен и Галиште, отворање на рудникот, вели Ѓуровски.

На средбата беше и Васил Розовски, роден во селото Тушим во Меглен.

- Роден сум во Меглен, но веднаш моите се иселиле оттаму. 70 години живеам во Македонија. Малку знам за родното село, двапати сум бил. Доаѓам вторпат на оваа манифестација. Убава е веселбата и да доаѓаат повеќе гости. Сега Мегленци не доаѓаат оти нема патишта, вели Розовски.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, Мариово туристички може да се развива, а манифестацијата безрезервно ќе ја поддржува.

- Долги години овој мариовски предел не е чепнат од човечка рака и може еколошки и туристички да се развива. Овие средби се одлични и секогаш ќе ги поддржувам и логистички и финансиски зашто многу им значат на жителите сегашни и некогашни од овој крај, вели Јованоски.

На средбата во манастирот „Свети Илија“ кај Витолиште организаторот, здружението „Мариовско-Мегленски културни средби“ ги награди најдобрите творби на конкурсот што претходно го распиша на тема Мариово. Со изворна музика, на манифестацијата настапија културно-уметничките друштва: „Гоце Делчев“, „Етно Илинден“ од Битола, „Стив Наумов“ од селото Логоварди, КУД „Моминок“ и играорната група „Пенка Котеска“ од Прилеп, а на гајда и кавал свиреше Стевче Стојкоски. Настапија и актери од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2018 19:42