Професори и експерти по безбедносни прашања од 15-тина држави учестуваат во работата на деветата Меѓународна научна конференција „Реформи на безбедносниот систем како предуслов во евроатлантските интеграции“, што во организација на Факултетот за безбедност од Скопје од денеска ќе се одржува во Охрид.
На дводневниот собир поддржан од германската фондација „Ханс Зајдел“, Комората на Република Македонија за приватно обезбедување и МВР ќе се дискутира за примената на современите научни сознанија како идни решенија со цел ефикасен одговор на современите ризици и заканите по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.
Конференцијата ќе биде отворена попладнево, во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, потпретседателот на Собранието на Република Македонија Фросина Ташевска Ременски, директорот на Фондацијата „Ханс Зајдел“ за Југоисточна Европа, Клаус Физингер, претседалот на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, Верица Милевска Стефановска и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, Никола Дујовски.
Темата на дискусија во рамки на форумот соодветстува на потребите и заложбите за реформи на безбедносниот систем на Република Македонија, пред се од рационални, економски, безбедносни и причини поврзани со модифицирање на безбедносните закани и новото безбедносно опкружување, од аспект на остварувањето стандарди за влез во Европската унија и НАТО.
Факултетот за безбедност од Скопје преку своите образовни активности, пред се во создавањето професионален кадар, но и спроведување истражувања и анализа на најдобрите практики е активен чинител во целиот процес на унапредувањето и реформите на безбедносниот систем на земјата.