Општина Тетово поседува човечки и институционални капцитети за подготовка на проекти со кои би се добиле средства од ИПА 2 програмата на Европската Унија но сепак мора да се работи на надградување на човечките капацитети и зголемување на соработката со невладиниот сектор.
Ова беше речено на денешното претставување на наодите од анализата што се однесува за општина Тетово околу нејзините капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво што заеднички ја изработиле НВО Инфо центарот од Скопје и Организацијата на жени од Струмица. Активноста е дел од проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“ што е финансиран од Европската Унија.
Според еден од авторите на оваа студија за Тетово Марјан Степановски неопходна е политичка волја за да се овозможи поголемо прибирање на овие пари од ЕУ.
- Општина Тетово има донесено Стратешка рамка и преку неа стратегија за одржлив и рурален развој. Туке се и капацитетите на секторот за локален економски развој подржан од канцеларијата за меѓународна соработка особено со нивните познавања за развој на туризмот и руралниот туризам. Потребно е дополнително да се зголемат капацитетите на општинската администрација надвор од овие сектори, но се заедно дава позитивен исход дека општина Тетово има добра рамка и позитивна пракса за прибирање на средства од ИПА 2 приограмата. Тука секако е и поголемото вклучување на Центарот за развој на полошкиот плански регион, изјави Степановски.
Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи посочи дел од најважните меѓународни проекти што локалната власт досега ги реализирала во партнерство со невладиниот и граѓанскиот сектор, но особено се задржа на прокетот за изградба на пречистителна станица за отпадните води.
- Ова е финасиски најголем прокет што некогаш го добила општина Тетово со вредност од над 33 милиони евра. Тој предвидува изградба на два колектора на двете страни од реката Пена и кои треба да го опфатат потегот од Голема Речица до Порој како и пречистителната станица во Фалиште. Ние веќе сме ги издале дозволите за градба на двата колектора и очекуваме дека сите планови ќе бидат готови до крајот на годинава, а реализацијата на терен треба да заврши некаде 2022 – 2023 година. Бидејќи за ова аплициравме преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а сите грантирања и тендери ќе се одвиваат по процедурите што важат во ЕУ рече Арифи.
Извршната директорка на НВО Инфо Центар Билјана Бејкова посочи дека целта на овие студии и анализи, што освен во Тетово биле спроведени и во Скопје, Битола и Струмица е да се зголеми процентот на повлекување на средствата од програмата ИПА 2 за периодот 2014 – 2020 година на национално ниво.
Според досегашните анализи на повлечените средства од програмата ИПА 1 за периодот 2017- 2013 во однос на прекуграничните проекти со Грција имаме реализација на 80 отсто од средствата додека со Албанија тој процент е 55 осто што дава простор за унапредување и на овој план рече Бејкова.
Општина Тетово е меѓу подобрите локални самоуправи во државата ако се гледа бројот на реализираните активности преку ИПА 1 програмата но во однос на можностите што ги дава ИПА 2 потребно е дополнително надоградување како на кадарот така и на процедурите за поголема соработка со сите институции и невладиниот сектор беше еден од заклучоците на денешната анализа.