Со цел граѓанските организации да го утврдат својот капацитет за поттикнување општествени промени, создаден е Инструмент за мерење на влијанието на граѓанскиот сектор врз општеството, кој што ќе биде претставен денеска на конференција на која што ќе бидат споделени и резултатите од истражувањето спроведено во рамки на програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“.
Инструментот ќе може да измери колкав е реалниот импакт на граѓанскиот сектор во продуцирање позитивни општествени промени, дали нивните експертизи и инпути се широко пречекани од институциите во креирањето стратегии во различни сфери и дали се перципирани како сојузници.
- Општествените феномени имаат многу сложена, а воедно и апстрактна структура која не е едноставна за мерење. Но, ако сакаме да дознаеме дали нашите активности се ефикасни и пожелни, треба да настојуваме да употребиме методологија која е соодветна за тоа. На граѓанските организации им се потребни сознанија кои сегменти од нивното функционирање се корисни и носат промени, а во кои сегменти им е потребно подобрување. Ова ќе го понуди инструментот за мерење на влијанието на граѓанските организации врз општествените промени кој што го искреира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, појаснува Мариа Доневска, координатор на проектниот тим.
Во рамки на конференцијата ќе се одржи и панел дискусијата „Како до значајни општествени промени: Визии за иднината на граѓанското општество“, а ќе дебатираат Ило Трајковски, професор на Институт за социологија при Филозофски факултет, Нано Ружин, ректор на Факултет за политички науки и дипломатија, Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлански интеграции во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, Моника Божиноска, проектна координаторка во „Цивика мобилитас“ и Билјана Петковска, извршна директорка на Македонскиот институт за медиуми.