Русалиите се историја што не се чита, но се гледа и се доживува, бидејќи ние сме живо културно наследство.
Така се опишуваат членовите на Културно уметничкото друштво „Русалии“ од струмичкото село Секирник. Тие преку својата специфична игра и ора се единствени продолжувачи на традицијата и обичаите на Македонците од Ениџе Вардар, па се до Демир Капија и Струмичко.
По скоро половина век работа во несоодветни услови и чување на носиите, инструментите и реквизитите по домовите од 20-ти минатиот месец „Русалиите“ се вратија во реновинариот Дом на културата во нивното село Секирник.
Досега стариот Дом на културата го користеа за импровизирани проби, под услов да не протекува покривот.
- Успеавме да го запреме исчезнувањето на нашето живо културно наследство. Ако до денес успеавме да опстанеме под овие услови што ги имавме за работа, бидејќи немавме сопствен објект и сопствени простории, тогаш слободно можам да кажам дека реновираниот Дом на културата во нашето село ни даде услови не само да ја зачуваме играта на Русалиите, туку и обичаите, музиката и старите занаети од едно време, вели Димитар Иванов, раководител на КУД „Русалии“.
Русалиите биле воена единица или гарда
Освен КУД „Русалии“, кои со децении опстојуваат во струмичкото село Секирник, во општина Босилово, такви исти групи има уште во Миравци и Богданци, а во поблиското опкружување ги има во Петрич, Бугарија.
- Според фолклористите, русалиите биле воена единица или гарда. Таа била испратена во Ерусалим на аџилак уште во паганско време, но со многу елементи на христијанството преку симболиката прикажана во вкрстувањето на сабјите, начинот на облекувањето на двете црвени шамии и шарата на чорапите. За нивната поврзаност со најраното христијанство и тврдењата дека тие биле дури и дел од гардата на Исус Христос засега нема научна потврда, но едно е јасно дека нашата игра влече корени од повеќе временски епохи, објаснува раководителот на друштвото, Димитар Иванов.
Специфичноста во играта на русалиите е што настапуваат со сабји, а единствено балтаџијата во десната рака носи секира. Русалиските дружини или чети бројат десет, дваесет или триесет двојки. Се движат по двајца, а се како едно тело, две нозе, две раце. Хиерархијата и дисциплината се на највисоко ниво.
Мисијата на русалиите со своите чети е да одат по населените места, од куќа в куќа и да ги бркат злите сили. Русалиските игри и обичаи се одржувале во зимскиот период, односно од првиот ден на Божик до Водици, познати како дванаесет некрстени денови.
- Порано, како што е на најстарата фотографија на нашите предци од 1926/27 година, сликана во штипско Ново Село, русалиите имале мисија, односно оделе да играат и да ги истераат злите сили, но и да соберат пари за остварување на некоја цел. Со голема помош на Русалиите е изградена црквата во Секирник, која и денес опстојува. Планираме во блиска иднина да го обновиме настапувањето за време на некрстените денови, додава Иванов.
Уникатната традиција е засолната на сигурно-
Раководителот Иванов не ја крие среќата што по години самопрегорна работа и учество на најреномирани домашни и меѓународни фолклорни фестивали, конечно „Русалиите“ дочекаа да ја засолнат уникатната македонска традиција, но и да постават спомен соба на Друштвото.
- За мене беше голема чест заедно со градоначалникот на Босилово, Зорам Зимбаков, да ја пресечам лентата на реконструираниот Дом на културата. Тој е реконструиран со средства од проект од прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Вкупната вредност на проектот за двете општини изнесува 412 илјади и 316 евра, од кои 229 илјади и 676 евра беа за општина Босилово како водечки партнер, а останатите се за општина Грмен, Република Бугарија, раскажува со многу емоции Димитар Иванов.
Тој се жали дека во последно време миграцијата на младите од овие краишта ја чувствуваат и Русалиите, бидејќи има се помалку млади кои остануваат да ја негуваат уникатната традиција.
- Ние најмногу ја чувствуваме миграцијата на младите. Имаме ситуации кога наши членови, кои штотуку почнале да настапуваат во друштвото, одлучуваат да заминат и нашиот состав е десеткуван, односно сме принудени да се потпреме на постарите членови. Доколку заминатите членови ни се вратат можеме слободно да извадиме неколку состави на сцена, вели раководителот Иванов.
Тој се надева дека со проширувањето на активностите на КУД „Русалии“ младите од најрани години, преку зачленување во Друштвото и учество во пејачки групи и драмска секција, ќе ги „врзат“ за селото и родниот крај.
„Русалија“ не можел да игра ако не е оженет
И покрај тоа што „Русалии“ се осипуваат поради старост или заминување на членовите, сепак младите не можат веднаш да настапуваат.
- Иако некој млад е талентиран играорец и сака да настапува во Друштвото, сепак треба малку да почека. Треба да ја испече играта, да созрее и да го чека своето време, рече на крајот раководителот на КУД „Русалии“, Димитар Иванов.
Во изминативе години КУД „Русалии“ докажаа дека навистина се грижат за зачувувањето на русалиската игра преку организирање на веќе традиционалниот Фестивал на русалиите, кој се одржува во нивното село Секирник.
Русалиите досега учествувале на многу фестивали во земјата и странство. Одржувањето на најголем број фолклорни фестивали во земјата не може да се замисли без нивно учество.
Порано русалија не можел да игра ако не е оженет. Во сегашниот состав ги има на најразлична возраст. Вкупно се дванаесет играорци и тројца инструменталисти-две зурли и еден тапан.
Ристо Тасев