Советот на Општина Виница донесе одлука со која во иднина висината на надоместокот за пазаришна такса ќе изнесува 350 денари за тезга од еден метар квдратен. Сумата ќе се наплаќа за пет дена во неделата, односно нема да биде вклучен износот што се однесува за редовен пазарен ден.
Целта на одговорните во комуналното претпријатие „Солидарност“ е да се стави ред во користењето на просторот во градскиот пазар.
- Земјоделците од општината, кои како продавачи се редовни на зелениот пазар, се пожалија на селективност во досегашната наплата на паушалната такса. Решивме да воведеме надоместок со кој ќе се избегне нелојалната конкуренција, па редовните трговци ќе ја плаќаат новоутврдената цена од метар квадратен, а на продавачите од соседните општини кои носат земјоделски производи со комбиња и други возила ќе им се наплаќа паушал по 150 денари од затекната состојба, рече Игор Христов, директор на ЈКП “Солидарност“ – Виница.
Контролата на пазарот и наплатата на надоместокот за продавачите што не се од Виница ќе се врши во попладневните часови, затоа што е забележано дека тие тогаш доаѓаат на градскиот пазар.
Со одлуката на Советот на Општината, наплатата на пазаришната такса ќе започне да се применува од 1 јули.