Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и претставникот на турската владина Агенција за соработка и координација – „ТИКА“ за Балканот и Источна Европа, Махмут Чевик, денеска потпишаа Протокол за соработка со кој се предвидува изградба на нов објект за потребите на општинското основно училиште „Братство и единство“.

Стојаноски по потпишувањето истакна дека после 38 години Охрид ќе добие нов објект за потребите на основното образование во градот.

- Сега после 38 години повторно ќе имаме нова училишна зграда на училиштето кое го отсликува мултиетничкиот и мултирелигиозниот карактер на нашата општина Охрид. Ова е потврда дека протоколот за соработка од 2005 година меѓу владите на Македонија и Турција програмски се остварува, рече Стојаноски.

Претставникот на „ТИКА“ Чевик подвлече дека од 2005 година досега агенцијата во Македонија има инвестирано во повеќе проекти од најразлични области за што се донирани повеќе од 70 милиони евра.

– За да имаме квалитетни ученици треба да имаме квалитетен кадар. Ние од една страна ги подобруваме условите во училиштата, а од друга страна организираме и обуки за наставниците. Благодарам на градоначалникот, бидејќи Охрид има многу долга традиција, па ме радува тоа што имаме можност заеднички нешто да направиме за надградба на сите убави работи кои ги поседувате, рече Чевик.

Координаторот на „ТИКА“ во Македонија, Ајтекин Ајден рече дека со овој проект е предвидена изградба на нова училишна зграда со корисна површина од 5.845 метри квадратни, а во нејзин состав е предвидена и изградба на спортска сала на површина од 738 метри квадратни.

- Објектот ќе има вкупно 29 училници, опремени со соодветни помагала што исто така ќе бидат донација на „ТИКА“, рече Ајден.

Со потпишувањето на протоколот општина Охрид се обврзува да го урне постоечкиот објект на ОУ „Братство и единство“ и да обезбеди одобрение за градба на новото училиште.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 00:24