Музиката и нејзиното филмско претставување е во фокусот на програмата на четвртиот фестивал „Скопје синема сити“ (ССС) чие летно издание ќе се одржува од денеска до 10 јуни во Кинотеката на Македонија. Во петте фестивалски дена ќе бидат прикажани 15 филмови.

Фестивалот ќе биде отворен вечер од 20 часот со филмот за јапонскиот композитор Руичи Сакамото „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот беше прикажан премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а потоа и на годинашното Берлинале. Од 22 часот ќе биде прикажан документарниот „Приказна за модерниот џез“.

Вториот фестивалски ден утре ќе биде посветен на познатиот современ композитор Филип Глас со филмовите „Филип Глас: Гледајќи го Глас“ и култниот уметнички филм „Којанискатси“. На 8 јуни ќе биде прикажан „Лунарна Орбита“ за познатиот електронски состав „The Orb“, а потоа „Визијата за рајот“ на Ли Скреч Пери. На 9 јуни ќе бидат прикажани филмовите за Бил Еванс, кој е еден од најпознатите џез-пијанисти на сите времиња и „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“.

На програмата се и два филма на македонскиот режисер Јордан Дуков за македонските состави „Љубојна“ и „Conquering Lion“ дел од Телма докубенд серијалот. На завршниот фестивалски ден, 10 јуни, ќе бидат прикажани „Студиото Ханса крај ѕидот 1976-90“ и „Кобејн: Монтажа на еден пекол“.

Застапени се филмови за познатата музичка куќа „Blue Note Records: Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ заедно со кратки филмови од продукцијата „Види Вака“ за Зоран Маџиров и Драган Ѓаконовски Шпато.

Пред почетокот на фестивалот, вечер од 19 часот ќе има и претфестивалска програма на „Скопје синема сити“, со изложба на џез-фотографии на фотографката Татјана Ранташа од истакнати македонски џез-уметници од различни генерации. Паралелно со нејзината изложба, насловена „Македонска џезтетика - Ранташа Татјана, фотографии“, настап ќе има и Квинтетот на Гоце Стевковски, основоположник на Здружението на џез-музичари.

Татјана Ранташа е реномиран фотограф со 15 години искуство, најмногу со сценска фотографија. Почнувајќи од 2005 година, таа е официјален фотограф за издавачки куќи како Авалон, Пасворд, МКЦ-концерти, МОТ, Десонанц фестивалот, а денес е најчесто ангажирана за Оффест и Скопскиот џез-фестивал, како нивни официјален фотограф.

- „Македонска џезтетика“ е избор од фотографии од различни генерации македонски џез-музичари, почнувајќи од Џијан Емин, Гоце Стевковски, Алек Секуловски, па до Симон Киселички, Мишко Парушев и Владан Дробицки, од Трајко Велков, Бојан Шамба, па до Кирил Кузманов, Кирил Туфајхчиев, од Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, па до Тони Китановски, Кокан Димушевскии и многу други, соопшти „Скопје синема сити“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 11:14