Во центарот на Скопје од денеска почна да работи Музеј на илузии, прв во Македонија, каков што има во европските градови. Беше подготвуван неколку месеци и е направен по оригинален музејски концепт. Лоциран е на ул. „Максим Горки“ на 550 квадратни метри и три нивоа. На почетното има кафетерија и сувенирница, а на горните две нивоа се музејските содржини.

Благица Илиќ, претставник на Музејот, на отворањето претпладнево рече дека по површина е најголем ваков музеј во нашето опкружување. Целна група се деца и млади, но дека со илузионистичките содржини кои ја менуваат реалноста ќе им понуди рекреација и на возрасните посетители.

- Триесетина содржини и повеќе од 60-ина слики во галерискиот простор нудат една необјективна реалност и сосема необичен и досега невиден концепт на идејни решенија. Посебноста на нашиот Музеј на излузии во однос на тие што постојат во регионот е во тоа што тој претставува колаж од повеќе музејски активности. Во тоа е неговата оригиналност, рече Илиќ.

Посетителите ќе може да се фотографиираат во просториите и со експонатите кои даваат илузионистички ефекти - соби во кои може да се изгледа како џуџе и како џин, соба со огледала каде што посетителот е мултиплициран, соба за гравитација и опозитна архитектура, разни 3Д принтови кои доловуваат пропаѓање во дупка во лифт без дно, налет на воз итн...Поставката содржи и слики и фотографии со двојни значења, загатливи форми што бараат логика итн.

Стручни лица ќе бидат ангажирани како водичи кои ќе ги објаснуваат содржините, но и ќе ги советуваат посетителите од кои позиции може да направат идеална фотографија на оптичка илузија. Тематските поставки ќе се менуваат, музејот ќе организира и видеопрезентации, а во иднина планира и магионичарски точки и трикови на гости-илузионисти и настапи на пантомимичари. Отворен ќе биде и за организирање родендени.

Ваков тип музеј најблиску во регионот има во Белград, кој беше отворен пред десетина дена, и затоа се очекува да привлече голем број туристи. Директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Љупчо Јаневски изјави дека на Скопје во изминатите години му недостигала ваква туристичка понуда, а дека токму музеите и нивните поставки се доста посетени во главниот град.

- Некои музеи во Скопје достигнаа број од 200 илјади посетители во последните неколку години, а интересот расте секој ден. Секоја дестинација е препознатлива по атракциите кои ги нуди, а градот Скопје има многу што да понуди. Музејот на излузии ќе биде парче во тој мозаик за гостите што доаѓаат во градот. Со него Скопје ќе биде препознатлив на Балканот и во Европа. Следната година се надевам ќе имаме податоци за посетители, рече Јаневски, повикувајќи ги туроператорите и туристичките агенции да го стават овој музеј во нивната понуда.

Музејот на илузии ќе биде отворен секој ден седум дена во неделата од 8 до 20 часот. За домашни и странски посетители цената на влезницата е 300 денари, за деца до 12 години 200, а ќе има и билети за организирани ученички и за фамилијарни посети.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 12:34