Водоснабдувањето во Гевгелија наскоро ќе се подобри со завршување на изградбата на системот за обезбедување дополнителна количина вода за пиење и на бунарите кај Вардар, истакнаа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот Сашо Поцков при денешниот увид на градежните работи.
Станува збор за заедничкиот проект кој општината го реализира со средства од ИПА фондовите и Министерството за транспорт и врски кое учествува со 132.000 евра.
- Имајќи предвид дека најгорливиот проблем на гевгеличани е токму водата за пиење, со изградбата на овој систем очекуваме да се надмине деценискиот проблем и да го подобриме водоснабдувањето во градот,а со тоа да обезбедиме и подобри услови за живот на гевгеличани, изјави Сугарески.
Со овој проект се предвидува изградба на два бунара и три бунарски објекти во кои ќе биде сместена комплетната хидромашинска опрема.
- Еден објект е веќе готов и останува за многу кратко време да се изградат и овие два објекта со што ќе се овозможи преку цевковод водата да се одведе до постојниот градски водоводен систем, рече Сугарески нагласувајќи дека ова е најзначаен проект со кој се очекува за многу кратко време да се надмине проблемот со водата за пиење.
Сугарески најави дека во делот на патната инфраструктура, годинава се планира реконструкција на регионалниот пат Гевгелија-Негорци во должина од 6,5 километри за што ќе бидат потрошени 80 милиони денари и оти со претходно завршената реконструкција на автопатната делница до Смоквица очекува економско зајакнување на овој пограничен регион.
Градоначалникот Сашо Поцков изрази голема благодарност до Минитерството за реализацијата на овој капитален проект за општина Гевгелија од кој, како што истакна, најголем бенефит ќе имаат граѓаните.
Поцков најави набавка на деарсенификатори за старите бунари кај Моин заради обезбедувае на 270 литри вода за пиење во секунда со што сите потреби на граѓаните ќе бидат целосно задоволени.