Германската академија за јазик и литература, Фондацијата „С. Фишер“ и Фондацијата за култура „Алијанс“ од денеска до сабота организира „Дебата за Европа“. Партнер во организацијата на настанот од Македонија е Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи уметнички практики, со поддршка на „Традуки“.
Учесници на дебатата се европски и македонски интелектуалци и писатели. Ќе се одвива во групи за внатрешни дискусии и во јавни форуми со активно учество на публиката. Настаните ќе се одржуваат во Музејот на современа уметност и Даут-пашин амам. Дебата ќе биде отворена вечер во 18 часот, утре и задутре ќе продолжи со тематски панели, а ќе биде заокружена со книжевни настани.
- Ќе се расправа, меѓу другото, за Шарената револуција: само брендирање или почеток на еволутивен процес? Како да се обликува заедничка иднина на културен диверзитет (мултикултурализмот како шанса), а истовремено да се зачува наследството на традиционалните религиозни и културни идентитети? Можностите за соработка во регионот и изгледите за интегрирање во Европската Унија, соопшти Контрапункт.
Германската академија за јазик и литература, фондацијата С. Фишер и фондацијата за култура „Алијанс“ од 2012 организираат меѓународни форуми на европски теми. Интелектуалци од земјите на германското говорно подрачје, како и од Јужна, Централна и Источна Европа се состануваат со претставници на граѓанското општество, културата и политиката од земјата домаќин за да остварат отворен и заемно корисен дијалог.
Дебати за Европа досега се одржани во Будимпешта, Букурешт, Белград, Атина, Нарва, Санкт Петербург, Минск, Харков и неодамна во Сараево.