Амбасадорот на Република Словачка во Македонја Хенрик Маркуш придружуван од поранешниот амбасадор, а сега шеф на мисијата на ОБСЕ во Братислава, Роберт Кирнаг, денеска ја посетија општина Гостивар каде се сретнаа со градоначалникот Арбен Таравари и лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Сеља.

На средбата во градоначалничкиот кабинет се разговарало за актуелната состојба во општината и во земјата, како и односите на централната власт со локалната самоуправа во Гостивар.

- Имавме конструктивен и мошне плоден разговор. Нам ни се пријатели сите претставници на меѓународната заедница и тие секогаш се добредојдени во нашиот град, рече на прес-конференција по состанокот градоначалникот Таравари.

На новинарско прашање, во кое својство е дојден и присуствува на состанок првиот човек на Алијансата за Албанците, Таравари појасни дека тоа било договорено од претходно.

- Тоа беше договор помеѓу нас и Амбасадата на Словачка на средбата да присуствува и Зијадин Сеља, со што би се направила и анализа на односите помеѓу позицијата и опозицијата. Владата има некоректен однос кон локалната власт во Гостивар, но, бидејќи сега е актуелно прашањето за името и интеграцијата на земјата во НАТО, тој однос е ставен во сенка. Но, сите дипломати и нашите пријатели се свесни за она што се случува во општина Гостивар, појасни Таравари, која според него е една од главните општини во земјава.

Словачкиот амбасадор Маркуш истакна дека ова е негова прва посета на општина Гостивар по назначувањето на функцијата во февруари, годинава.

- Имавме многу охрабрувачки разговор со градоначалникот Таравари. Со нас беа и претставници на ОБСЕ, бидејќи следната година Словачка ќе претседава со оваа организација, истакна меѓу другото словачкиот амбасадор Маркуш.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2018 19:47