Да се запре со кревањето паника и страв во однос на бездомните кучиња во Прилеп, како и информациите за епидемија од лајшманиоза во општината и најавите за убивање на бездомните кучиња во градот, стои во реакцијата на невладината „Анима Мунди“ по најавата дека надлежните во Прилеп покренуваат иницијатива за проена на законските регулативи за евтаназија на кучињата заболени од лајшманиоза, болест која преку инсекти се пренесува на луѓето од која во Прилеп, изминатите девет години имало 3 смртни случаи.

Во соопштението на „Анима мунди“ се вели дека станува збор за сериозни шпекулации и дезинформации

- Цената на незнаењето на градот да се справи со прекубројноста на бездомни животни преку масовна стерилизација и казни за неодговорно сопствеништво (напуштање на милениците на улица и неконтролираниот расплод) не смее да ја плаќаат животните кои се на улица, но не по своја вина. Граѓаните мора да знаат дека болеста не се пренесува преку кучињата преку никаков контакт туку исклучиво преку мушички преносители и само со нивно сузбивање се сузбива ризикот по човечкото здравје. Најавата за масовна појава на лишманија не е ништо друго освен сеење страв, паника и поттикнување на агресија, насилство кон животните, кое оди во прилог на нивно брутално и масовно убивање, се вели во соопштението до јавноста на „Анима Мунди“ од каде нагласуваат дека никаде на Балканот и земјите од нашето соседство, како и никаде во европските земји лишманијата не е причина за убивање на бездомни животни.

- Бараме општината и надлежните органи итно да преземат мерки кои ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните и животните, никако да не се убиваат животните туку итно да се започнат програми за масовно стерилизирање на бездомните животни и казни за неодговорните сопственици и да се изврши дезинсекција во градот, доколку се сомневаат на зголемена појава на лајшманија, велат од „Анима Мунди“.

Прилепската локална самоуправа, пак, ги демантира наводите објавени на ТВ Сител на 5 јуни и на порталите кои ја презеле дезинформацијата, дека „Прилеп ќе врши еутаназија на кучињата“.

- Со овој наслов и извадена изјава од контекст, се спинува основната информација дадена на прес-конфренцијата, по координативната средба што на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски на петти јуни се одржа со цел превенција на лајшманиозата примарно кај човекот, а потоа кај кучињата. Основната информација е дека на оваа координативна средба, даден е предлог, да се изврши измена на законската регулатива за еутаназија на кучињата со цел превенција на болеста кај човекот. Но, за да се реализира една ваква иницијатива, сигурно дека претходат дебати кои што задолжително ја вклучуваат „Анима мунди“, Кинолошкиот сојуз и сите други асоцијации за заштита на животните, стои, меѓу другото зо реакцијата на прилепската локална самоуправа.

Од прилепската локална самоуправа упатуваат невладините организации и здруженија, во овој случај „Анима Мунди“,да се обраќаат прво до локалната самоуправа за точна информација, а не да се потпираат на прилози објавувани во одредени медиуми и портали.

- Општина Прилеп ги поканува сите здруженија за заштита на животни на локално ниво, да се приклучат кон акцијата за спречување на лајшманиозата. Овој сериозен проблем бара системски и мултисекторски пристап и решенија. Само со заеднички сили и конкретни мерки може да се дојде до бараните резултати, а во интерес на целата заедницавелат приелпската локална самоуправа.

Општина Прилеп во соработка со Центарот за јавно здравје деновиве ќе спроведе дезинсекција во градот, како една од мерките за превенција на лајшманиоза. Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ одготвува стационар за згрижување на 50 кучиња, вработен е ветеринарен лекар, а се преземаат и бројни други мерки во функција на поголема превентива.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/06/2018 20:08