Вкупно 118 ученици од основните и средните училишта во Тетово денеска добија признанија како благодарност од општината за освоените награди на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари во оваа учебна година.

Признанијата и благодарниците на наградените ученици во големата сала на општина Тетово им ги врачи градоначалничката Теута Арифи. Според неа овие ученици со освоените награди заслужуваат признание за посебен придонес во образовниот процес.

- Многу сум горда што денеска имам можност да им се заблагодарам на успехот покажан од нашите деца, учениците од општина Тетово на разни натпревари и од локален и од државен карактер. Тоа што ви престои е еден голем предизвик и во иднина ќе имате такви средби и со луѓе што ќе ви кажуваат дека не мора толку многу да работите, толку многу време да трошите на учење и дека може да се биде успешен и со помалку знаење. Сето тоа е можно но вистинската вредност е знаењето што го добиваме како наше поведение во однос на нашиот успех. Продолжете со успесите и понатаму да ги постигнувате а ние навистина многу ќе им се радуваме рече Арифи.

Емилија Симоска како ученик во деветто одделение во основното училиште Братство Миѓени е добитник на повеќе награди на регионално и државно ниво по биологија, физика, математика и англиски јазик.

- Одбележувањето на нашите успеси е еден добар гест од страна на општината а за мене поттик а верувам и за останатите ученици да продолжиме со ваквите успеси и во иднина рече Симоска.

Според надлежните од општината денешното јавно признание има превенствена цел развивање на натпреварувачкиот дух и истото да придонесе за збогатување, усовршување и подобрување на квалитетот на знаењата на учениците. На сите 118 ученици покрај благодарниците им беше подарена и по една книга.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/06/2018 01:34