Во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга вечер ќе се одржи музички перформанс „Еволуција на музиката од среден век до модерно време“, проект на Здружението за развој на културно-уметнички вредности ТАКТУС од Охрид и државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Струга.
Се работи за едукативен музички перформанс за развојот на музиката низ вековите, чија цел е мултикултурно и мултиетничко соединување на народите. Ќе учествуваат ученици од различни културни и етнички групи.
Проектот се реализира со грант на „Декада на припадност – славење на различностите“ и треба да покаже пример за меѓуетничка соработка, комуникација, разбирање и славење на различностите преку универзалниот јазик – музиката.
Финансиран е од Европската Унија, Локалната агенција за развој од Струга и здружението Креативни и активни од Струга.