Околу 50 ученици од основните училишта од Преспа денеска на плоштадот „Цар Самуил“ во Ресен цртаат на отворено во рамките на манифестацијата „Сквер арт“ што ја организира домот на културата „Драги Тозија“ со поддршка на Општината.
Директорот на Јавната установа Дом на култура „Драги Тозија“, Васко Василевски посочи дека учесниците имаат слобода и можност под отворено небо да ги претстават своите креации на плочките на градскиот плоштад, на штафелаи, хартија и паноа.
- Оваа манифестација е многу важна за нас како организатори на овој настан, затоа што ја побудуваме креативноста кај младите, а воедно ги мотивираме да креираат и заеднички да се дружат, да ја покажат својата умешност на дело и да остават белег во однос на ликовната уметност во Преспа, истакна Василевски.
Целта на општината, според градоначалникот Живко Гошаревски, е да ги мотивира најмладите и да им даде можност да ги покажат своите потенцијал.
- Децата се нашето најголемо богатство. Наша задача е да ги мотивираме и да им даваме постојана можност да се усовршуваат и да ги покажуват своите потенцијали, сеедно дали е тоа уметност, спорт или некоја научна дејност. Можеби токму некој од денешните учесници ќе биде голем уметник и ќе ја претставува нашата општина на натамошни големи ликовни манифестации, рече Гошаревски.
Покрај учениците, можност да нацртаат нешто и да земат учество во манифестацијата имаа и случајните минувачи, кои беа воодушевени од креативноста на најмладите. Ликовната работилница „Сквер арт“ е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за проекти од национален интерес од областа на културата за 2018 година.