Прв и втор дел од ловечкиот испит и електронски систем
Член 58-ј
Ловечкиот испит започнува со полагање на првиот дел (теоретскиот дел), а потоа на вториот дел (практичен пример).
Вториот дел се полага во рок од најмалку 15 дена по успешното полагање на првиот дел.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со Правилник го пропишува начинот на бодување на првиот и вториот дел од испитот.
Член 58-к
Првиот дел од испитот се полага за секоја соодветна област и содржи најмалку 10 прашања со пет опции за заокружување од кој едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една е неточна во голем обем (на неа се губат поголем број поени).
Доколку кандидатот не го положил првиот дел од испитот согласно став (1) на овој член, ќе се смета дeка испитот не го положил.
Член 58-л
Вториот дел од испитот се состои од практичен пример.
Прашањата кои се составен дел од практичниот пример се од областа на ловството и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни.
Доколку кандидатот не го положил вториот дел од испитот согласно став (2) на овој член, ќе се смета дeка испитот не го положил.
Член 58-љ
Полагањето на првиот дел од ловечкиот испит се врши со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.
Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во тестот.
Полагањето на вториот дел од ловечкиот испит се врши со проучување на практичниот пример и одговарање на определен број прашања кои произлегуваат од практичниот пример, во вид на електронско софтверско решение (во натамошниот текст: електронски практичен пример).
Прашањата од практичниот пример зависно од тежината, се вреднуваат со поени определени во практичниот пример.
Прашањата содржани во тестовите за полагање на првиот дел на ловечкиот испит и нивните одговори, како и практичниот пример и прашањата кои произлегуваат од практичниот пример и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на ловечки испит.
Електронскиот систем од став (5) на овој член содржи и јавно достапна база од најмалку 100 прашања од секоја област како и јавно достапна база од најмалку 100 практични примери за потребите на вториот дел од испитот.
Во електронскиот систем е содржано и посочување на прописите и стручната литература во кои се содржани одговорите на прашањата од првиот дел од испитот и прописите за вториот дел од испитот.
Бројот на прашања и практични примери во базите од став (6) на овој член се зголемува за 10 % годишно, почнувајќи од 2015 година.
Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на кандидатот на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување.
Член 58-м
На денот на полагањето на првиот, односно вториот дел од испитот, претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство му дава на кандидатот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем од членот 58-љ од овој закон.
По одобувањето на пристапот, кандидатот добива електронски тест за првиот дел од испитот, односно електронски практичен пример за вториот дел од испитот, компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем од членот 58-љ став (5) од овој закон, од базите од членот 58-љ став (5) од овој закон.
Првиот и вториот дел од испитот, содржат упатство за начинот на решавање на истиот, за кое претставникот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дава појаснување, пред да започне полагањето на испитот.
Електронскиот систем за полагање на испитот не може да дозволи постоење на идентична содржина на електронски тест за првиот дел од испитот, односно електронски практичен пример за вториот дел од испитот во една сесија за повеќе од еден кандидат.
Член 58-н
Во случај на спреченост на спроведување на првиот или вториот дел од испитот, поради причини што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем од членот 58-љ од овој закон, полагањето на испитот се прекинува.
Доколку причините од ставот (1) на овој член се отстранат во рок од 60 минути од прекинувањето на испитот, истиот се продолжува веднаш по нивното отстранување.
Доколку причините од ставот (1) на овој член нема да се отстранат во рокот од ставот (2) на овој член, испитот се презакажува за друг термин.
Член 58-њ
Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од првиот дел од тестот за полагање на испитот изнесува 120 минути.
Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од тестот постигнал најмалку 51% од вкупниот број предвидени позитивни поени.
Член 58-о
Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од секоја од практичниот пример од вториот дел изнесува 120 минути.
Се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори на прашањата од практичен пример постигнал најмалку 51% од вкупниот број предвидени позитивни поени.