На Градскиот плоштад во Охрид вечерва од 19 часот почнуваат активностите во рамки на годинашното издание на театарот под отворено небо„ Баскерфест 2018“. Учесниците на манифестацијата на денешната прес-конференција најавија многу возбудувања, адреналин и атрактивни изведби за публиката во Охрид од сите генерации.
- Ова е четврта година по ред како Баскерфест доаѓа во Охрид. Нашите артисти при договарањето, секогаш прво не прашуваат дали ќе дојдат во Охрид, истакна Сандра Темова од организацијата на „Баскерфест“.
Најавени се настапи на интересни артисти од многу држави од целиот свет, од далечни земји како Аргентина, Бразил, Јапонија, Шпанија...
Уметниците Хиро Сан и Ферза, кои на прес-конференцијата изведоа дел од нивните точки, настапуваат низ целиот свет. Првпат се во Охрид и воопшто во Македонија и изразија желба подобро да го запознаат градот.
- На мојот прв настап во Охрид ќе понудам спектакуларно шоу со акробации, боречки вештини, кунг-фу, сето проследено со хумор и забава на публиката, изјави Хиро Сан, артист од Јапонија.
Во рамки на „Баскерфаст“ во Охрид уште ќе настапуваат и Фернандо Монтехо (Ферза), кловн и акробат од Аргентина, „Џина Циркус“ со нејзиниот танц, Диего Алварес од Бразил, „Оде Зуле“ – баскер бендот од Шпанија, Максимо Оптимо шпанскиот жонглер со моторни пили.