Околу 240 пензионери од градовите од Македонија, Србија и Бугарија учествуваат на третата меѓународна манифестација „Пензионерите пеат“ што се одржува денеска во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, информираше претседателот на кумановското здружение, Спирко Николовски.
Иницијативата, посочија организаторите произлегла од соработката на кумановското здружение со сродните здруженија од балканските држави. На годинешнава манифестација настапуваат пет хора од Македонија, два од Србија и еден од Бугарија. Претходно членовите на пензионерските друштва ќе продефилираат низ улиците на Куманово. Граѓаните ќе имаат можност да проследат староградски песни, забавни мелодии и евергрини.
- Манифестацијата е дел од нашите заложби за активно стареење на граѓаните од третото доба. Ова е добра можност да се продлабочат пријателствата од младоста, но и да се стекнат нови пријателства со пензионерите од држвата и од соседните земји, изјави Николовски.
Претседателот на здружението на пензионерите од Кавадарци, Ристе Анѓушев информира дека нивното здружение трета година учествува на оваа манифестација, за која посочи дека одлично е организирана, нагласувајќи дека средбата ја користат да ги обноват пријателствата стекнати во работниот век.
Кумановското здружение е едно од најбројните во државата со 14.260 пензионери од Куманово, Старо Нагоричане и Липково. Во рамки на здружението има бројни секции меѓу кои и културно-уметничкото друштво „Ѓоко Симоновски“ во кое членуваат поголем број пензионери кои се организирани во повеќе секции, хорска, секција за народна музика и фолклор, за забавна музика, драмска.
На подрачјето на трите општина и во урбаната и руралните средини функционираат единаесет клуба на месно ниво во кое кумановските пензионери се држат меѓусебе. Годинава, здружението одбележува 72 години пензионерско здржување.