Од денеска до 9-ти јули годинава сите кои сакаат да градат нови или да ги ревитализираат старите рибници и пунктови ќе може да аплицираат за добивање средства преку „Програмата за рибарство и аквакултура“ .

- Преку оваа мерка ќе може да се градат нови риболовни пунктови, да ги реконструираат и адаптираат постоечките, како и да направат рехабилитација на риболовни води со доградба, надградба и опремување на постоечките капацитети/мрестилишта за производство на репродуктивен и порибителен материјал, вели директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗР) Николче Бабовски.

Средствата се наменети за инвестиции за набавка на основни средства, оперативни трошоци поврзани со набавените средства и останати трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2018 година. Барањата за секоја пооделна потточка се доставуваат во оргинален примерок. Условите кои треба да ги исполнуваат барателите на средствата се утврдени во Програмата за финснсиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2018 година. Барателите не смеат да започнат со реализација на инвестицијата пред потпишување на договор за ко-финансирање со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој.

За овие мерки може да аплицираат единиците на локална самоуправа за изградба на нови, реконструкција и адаптација на постоечки риболовни пунктови, а корисници на средствата за надомест за услуга за користење на постоечки пунктови се концесионерите на рибите. Регистрирани репроцентри за производство на репродуктивен и порибителен материјал. Единицата на локална самоуправа или концесионерите на риби за вршење стопански риболов на Дојранско Езеро. Корисници на средства наменети за изградба на нови капацитети за аквакултура може да бидат, субјекти кои се регистрирани за дејност аквакултура и кои поседуваат или користат недвижен имот на кој планираат да изградат капацитет за аквакултура или поседуваат дозвола за користење на вода за поставување на кафези во зоните предвидени за аквакултура.

- За Мерка 2.1, финансиската поддршка се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина на 50 отсто од вредноста на одобрените/прифатливи трошоци за инвестиции. Ставката на ко-финансирање се зголемува до 55 отсто, 60 отсто и 65 отсто во случаите кога. Педесет и пет отсто од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестиции поднесени од носител на земјоделско стопанство од 18 години старост до 40 години старост на денот на поднесување на инвестицијата или жена носител на земјоделското стопанство. Шеесет отсто од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестиции во земјоделско стопанство кое се наоѓа во ридско-планинско рурално подрачј. Шеесет и пет отсто од вредноста на одобрената инвестиција, за инвестции поднесени од носител на земјоделско стопанство од 18 години старост до 40 години старост на денот на поденсување или жена носител на земјоделското стопанство кое се наоѓа во ридско-планинско рурално подрачје. Доделената финансиска поддршка е неповратна, велат од АФПЗР.

Оттаму информираат дека тече и огласот за повикот од „Програмата за рурален развој“, односно Мерката 121 „Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства“. Сите земјоделци кои од 1-ви октомври се до 31–ви декември 2017-та година ги зголемиле стадата или пак формирале нови, имаат можност да аплицираат за добивање на средствата од „Програмата за рурален развој“.

Со овие средства, фармерите може да повратат од 50 до 75 отсто од вкупната инвестиција за оригинални или мелезни високостелни педигрирани јуници (со исклучок на јуници од расата „Буша“). Преку оваа мерка се признаваат трошоците за набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци, кози, оригинали или мелези на свињи( нерези и назимки), оригинали или хибриди од увоз или со потекло од признаени организации согласно Законот за сточарство. Освен поволности за набавка на расни грла добиток, од денеска може да се аплицира и за „Мерката за подигање нови повеќегодишни лозови и овошни насади, повеќегодишни насади на ароматични растенија и медоносна флора.

- Условите за добивање на оваа мерка се минималната посадена површина која треба да ја имаат е 0,2 хектари, како и бројот на садници да е соодветен на културата која ја имаат посадено, вели директорот на АФПЗР, Николче Бабовски.

Сите земјоделци кои ќе ја добијат оваа државна помош, имаат обврска бројот на расните грла, како и бројот на садници да ги задржат и во наредните пет години.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/06/2018 14:43