Волонтерите од кумановскиот Црвен Крст, во соработка со здружението „Мерхамат“ поделија 300 прехрамбени пакети за социјално ранливите категории граѓани од општините Куманово и Липково по повод верскиот празник, Рамазан Бајрам.
Целта на оваа хуманитарна активност е да се помогне на ранливите категории семејства од исламска вероисповед достојно да го прослават празникот со полна трпеза. Донацијата се спроведува со поддршка од турската Црвена полумесечина.
Црвениот Крст Куманово, континуирано на годишно ниво спроведува бројни хуманитарни акции за ранливите категории семејства од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане. Донациите се состојат од прехранбени и хигиенски продукти, повремено и од облека, детски пакети, училишни прибори и друг вид помош неопходна во даден момент за оние на кои им е најпотребна. Од кумановскиот Црвен Крст најавија дека и во наредниот период, согласно своите можности ќе поделат помош за загрозените семејства на подрачјето на трите општини.