Во организација на здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци денеска и утре во Велес се одржува Меѓународниот натпревар на класична музика „Арт ин Велес 2018“.

Според директорот Лазе Атанасов, натпреварот е мултиинструментален (клавир, виолина, виола, виолончело, контрабас, кларинет флејта, саксафон, труба,...), а учествуваат над 200 музичари од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и БиХ во неколку категории: основци, средношколци, студенти и професионалци. Учествуваат и хор и оркестар, а има и камерна музика.

„Арт ин Велес 2018“ го следи домашно и меѓународно жири од искусни музичари и педагози.

- Секој учесник може да ги претстави своите достигнувања во класичната музика, а ги оценува жири-комисијата во чиј состав се истакнати професори: по пијано од Загреб, по виолина од Србија и Норвешка, по камерна музика од БиХ, информира Атанасов.

Професорот од Норвешка има своја Фондација од која доделува и парична награда на овој натпревар.

- Целта на „Арт ин Велес 2018“ е учесниците да оценат до каде стигнале во музиката и да стекнат нови искуства, да се дружат и црпат знаења од своите врсници, но и постарите и поискусни музичари, дополни директорот.

Натпреварите се одржуваат во салата „Бели Мугри“ и во ООУ „Блаже Конески“ каде утревечер на завршен концерт во 20 часот ќе се доделат и наградите на најдобрите во сите категории. За оние кои ќе освојат максимум сто поени, ќе бидат доделени и гран при награди. Првпат ќе биде доделена и плакета за најдобра изведба, насловена по неодамна починатиот врвен музичар виолинист и диригент д-р Томислав Димов кој работел и живеел во Малезија.

„Арт ин Велес 2018“ вторпат се одржува во Велес. Досега се одржуваше во Дојран.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2018 15:34