Преку 30 учесници од Македонија и од соседните држави денеска на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово учествуваа на 6-та по ред меѓународната мото-крос трка „Томб рајдерс“ во организација на клубот за екстремни спортови „Скај рајдерс“ од Прилеп.

Според Ѓорѓи Манчески, претстедател на клубот „Скај рајдерс“ меѓународната мото-крос трка е препознатлива и е атрактивна и за публиката и за натпреварувачите.

- Првенството, кое е и државно и меѓународно е атрактивно за мото-крос возачите од земјава и од соседните држави. Задоволство е што прилепската локална самоуправа го поддржува овој атрактивен натпревар, а идејата е Пелагонија да стане центар на екстремните споротви, рече Манчески.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласува дека поддршката за мото-крос натпреварите е недвосмислена зашто Прилеп располага со услови за развој на екстремните спортови.

- Прилеп ги поддржува овие екстремни спортови што ги развиваат спортскиот, натпреварувачи дух но и туризмот во регионот. Секоја година се повеќе има приврзаници на овој спорт, рече Јованоски при официјалното отворање на натпреварувањата.

Некои од натпреварувачите веќе неколку години се учесници на мото-крос натпреварувањата, а ова првенство претендира да биде дел од официјалните трки на мапата на меѓународната асоцијација на мото-крос натпреварувањата.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2018 21:07