Денешниот, трет ден од одржувањето на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ носи богата програма. На репертоарот се три претстави, од кои две во официјалната конкуренција за наградите.
Од 19:30 часот на сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, актерската екипа на Театарот за деца и младинци од Скопје ќе ја изведе претставата во конкуренцијата за наградите „Еднаш свет изградив“ работена според мотиви на романот „Сидарта“ од Херман Хесе, во режија на Јане Спасиќ. Втората претстава во конкуренцијата за фестивалските награди е од 22 часот на сцената од Домот на културата „Марко Цепенков“. Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица ќе ја изведе претставата „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев.
На полноќ на сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, како дел од придружната фестивалска програма, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје ќе ја изведе испитната претстава по актерска игра на студентите од прва година во класата на професор Мето Јовановски и на доцент Магдалена Ризова Черних „Смртта на Дантон/комична сцена“ според Герог Бихнер.
Досега публиката виде три од 12-те претстави во официјалната конкуренција за наградите „Ничија земја“ на МНТ на отворањето во петокот и двете претстави синоќа „Доктор Фауст“ на битолскиот и „Клетници“ на прилепскиот народен театар. Вчера се одржа и трибината насловена „Театарската критика денес“ која побуди голем интерес.
Утре напладне е втората фестивалска трибина, насловена „Местото и улогата на драматургот во театрите во Македонија“. Модератор е професор Маја Стевановиќ.