Во Арачиново денеска ќе биде одбележан почетокот на изградбата на новата општинска зграда. Изградбата на зградата е финансирана со 260.000 евра обезбедени од страна на Европската унија, како дел од Програмата за општински рурални инвестиции. Програмата ја администрира Светска банка, а ја спроведува Министерството за финансии.

На означувањето на почетокот на градбата е најавено обраќање на премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар,министерот за финансии Драган Тевдовски, претставник на Светската банка Беким Имери и градоначалничката на општина Арачиново Миликије Халими.

На барање на Владата на Република Македонија, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра. Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а истата е администрирана од страна на Светска банка. Овие средства се доделуваат на општините во форма на грантови и треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во руралните области.

Во рамките на оваа програма, општина Арачиново доби право да користи ЕУ грант во износ од 195.000 евра за имплементација на проектот за „Изградба на општинска зграда Арачиново“. Проектот е кофинансиран од буџетот на Република Македонија во износ од 65.000 евра. Проценетата вредност на проектот изнесува 285.545 евра но по спроведената јавна набавка истата е намалена на 241.975 евра, од кои 181.482 евра се финансирани од фондови на Европската Унија, а 60.493 евра од буџетот на Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2018 10:45