Општина Гевгелија, според последниот извештај на Центарот за вработување, се уште според бројот на жителите е меѓу општините во земјава со најмала стапка на невработеност.

Вкупно 9.148 лица се водат како вработени, а 691 лице се евидентирани како активни баратели на работа, од кои 271 се жени. Од вкупниот број баратели на работа, најмногу или 506 се од Гевгелија.

Според образовната структура на активните баратели на работа, 240 лица се неквалификувани, 12 се полуквалификувани, 128 се квалификувани, 188 се со средно образование, 16 со више, 104 со високо образование, а шестмина од барателите на работа се магистри.

Речиси половината од барателите на работа или 303 лица, работа чекаат од еден месец до една година, а преостанатите чекаат подолго време, велат од Центарот за вработување од каде напоменуваат дека во нивната евиденција 403 лица се водат како лица кои бараат работа во други региони, општини и населени места. Од овие таканаречени пасивни баратели на работа во општина Гевгелија,180 се жени.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2018 12:20