Единаесет лица од Кавадаци се под истрага поради сомнение дека се вмешани во фалсификување пари.
Основното јавно обвинителство - Велес спроведува истрага против 11-те лица, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР.
Случај, како што изјави денеска на прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски е релаизиран од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со ОЈО Велес и во соработка со Народна Банка на Република Македонија.
- Во врска со ова кривично дело МВР до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против лицата: З.К., Г.К., Н.К., Б.Ј., Т.К., В.К., Р.М. и Т.С сите од Кавадарци поради основи за сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“ по член 268 од КЗ на РМ. Исто така, кривично пријавени се и лицата М.Е., Е.П., С.И. и Р.М, сите од Кавадарци, вработени во експозитурата на банката, а поради основи за сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво по член 353 од КЗ на Република Македонија“, рече Ангеловски.
Иако Ангелески на пресот излезе со бројка од 12 осомничени, во соопшението на обвинителството се наведува дека против 11 лица е покрената истрага, а седуммина од нив се товарат за кривично дело фалсификување пари, додека четири за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во периодот од април до мај годинава едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти.
Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката.
За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност, туку биле извршени трансакции со кои „продавачите“ ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на прво осомничениот и неговото семејство.
Банкарските службенички М.Е. и Е.П., знаејќи дека постапуваат противзаконски и надвор од процедурите за банкарско работење со неизвршување на својата службена должност, без да направат задолжителна проверка на веродостојноста на банкнотите ги примиле 696-те фалсификувани банкноти во апоени од 50 УСД и ги замениле во денари на шалтерите во банката.
Пријавените С.И. во својство на раководител во експозитурата, како и Р.М. во својство на заменик-раководител, со неизвршување на својата службена должност, односно без да извршат задолжителен надзор и контрола на работата на банкарските службенички, знаејќи ја намерата на лицата кои ги пуштиле лажните пари во оптек, овозможиле фалсификувани банкноти да бидат проследени до трезорот на друга банка во Скопје.
Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.
Ангеловски изјави дека вчера по наредба од Основен суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на кривично пријавените лица и шест претреси во фирми, сопственост на пријавените.
При претресите биле пронајдени и привремено одземени вкупно 1.239.010 денари, 3.700 евра, 384 американски долари, 420 англиски фунти, 50 швајцарски франци, 10 канадски долари.
Исто така пронајдени и одземени се мобилни телефони, сим картички, како и документација поврзана со кривичното дело.
Осомничените вчера се сослушани од страна на јавен обвинител.
Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување.
Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на прво осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.