Најдобриот тенисер на светот Рафаел Надал наведе дека посaкува да го надмине швајцарскиот тенисер Роже Федерер во бројот на освоени гренд слем титули, но дека во моментот тоа не е приоритет и првенствено ужива во 11-та титула која ја освои на „Ролан Гарос“.

Надал го победи Доминик Тим со 3:0 во сетови во финалето во Париз и сега има вкупно 17 гренд слем титули, односно три помалку од неговиот најголем ривал Федерер.

- Сега сакам да уживам во оваа титула и не сакам да размислувам за следната. Секако дека имам амбиција, бидејќи го сакам тоа што го работам. Но, никогаш не сум размислувал на таков начин, истакна шпанскиот тенисер.

Според него „треба да се биде задоволен со она што се има, бидејќи ако постојано се споредуваме со другите секогаш некој ќе има повеќе и ќе бидеме незадоволни“.

- Секако дека би сакал да имам 20 гренд слем титули, дури и повеќе. Меѓутоа во овој момент сум фокусиран на оваа титула. И 17 е одлична бројка. Тоа што сум среќен со ова не значи дека сакам да запрам, туку ќе се борам за титулите на останатите турнири, нагласи Надал.

Надал и оваа сезона доминираше на земјена подлога, додека Федерер одлучи да ги пропушти сите турнири на земја.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2018 00:25