Во македонските театри постепено се дефинираат местото и улогата на драматурзите кои треба да се активен чинител во создавањето на театарската претстава, но и во репертоарската политика на театарот. Но, треба време работите да дојдат на своето место, беше констатирано на трибината „Местото и улогата на драматурзите во театрите во Македонија“ во рамки на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.

На дебатата учестуваа драматурзи вработени во театрите, раководители на театарските куќи и други чинители на создавањето на театарската претстава.

Според статистиката, во македонските театри се вработени 28 драматурзи, од кои 21 е вработен како драматург, а седум како асистенти драматурзи. Од 28 вработени, десет се дипломирани драматурзи, а останатите се со други професии. Статистиката покажува дека во МНТ-Скопје има двајца, а во Театарот во Штип четворица вработени драматузи. Во Албанскиот, Турскиот и во Театарот во Тетово нема отворено место драматург според систематизација.

За модераторот на трибината, драматургот и професор Маја Стевановиќ, темата првпат отвора бројни прашања.

- Дали драматурзите си го најдоа своето место во македонските театри? Дали учествуваат во креирањето на репертоарската политика и дали се ангажирани во процесот на создавањето на претставата? Ако не е така, што треба да се направи? Кога пред години студирав драматургија, професорот Горан Стефановски рече дека во македонските театри не постојат драматурзи. Вие треба да го пробиете патот на професијата. Во македонскиот театар постоеја писатели, но не драматурзи како интегрален дел на процесот на правење театар. И денеска со студентите тече истиот разговор. Професијата драматург е благодарна и благородна професија која допрва треба да ја промовираме. Ситуацијата се промени последниве години и речиси во секоја театарска куќа има вработено драматурзи, рече Стевановиќ.

Според Марко Спасов, драматург во Театар Комедија од Скопје почетокот беше тежок.

- Прво не сакаа да слушнат за мислењето на драматургот, но во последно време работите се менуваат. Чинителите во театарскиот процес почнуваат да сфаќаат дека нивен пријател во квалитетно направената претстава е токму драматургот, вели Спасов.

Раководителот на Прилепскиот театар Стојан Дамчески рече дека е задоволство што во театрите дојде млад образовен кадар- драматурзи.

- На театрите секогаш им е потребен млад образован кадар. Така е и со драматурзите. Треба да пронајдеме како ние менаџерите на театрите да ги ставиме драматурзите во функција. Мора да им се даде шансата, рече Дамчески.

Учесниците на трибината констатираа дека за етаблирање на улогата на драматурзите во театрите прво заслужни се режисерите од странство кои работеа на претстави во македонските театри зошто, според нив, домашните режисери не покажаа голема подготвеност. Но, според Стевановиќ колку ќе се почитува и ангажира работата на драматургот зависи од нив самите зашто сето тоа е креативен процес.

- Сега работите се поместуваат во позитивна насока за улогата и местото на драматурзите во македонските театри. На прашањето која е работата на драматурзите, мојот одговор беше и останува - тоа е работа за која драматурзите сами ќе се изборат. Колку ќе се изборат, толкав простор ќе имаат за работа. Во некои театри без драматурзите сега не може да се работи. Драматургот мора да се надградува, да познава дела и текстови на автори за да ги наметне својот став и мислење, рече Стевановиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2018 01:17