Шпанскиот тенисер Рафаел Надал во неделата го освои 11-от трофеј на „Ролан Гарос“, но наведе дека пред да продолжи со натпреварите ќе мора да види како ќе реагира неговото тело на промената на подлогата, па ќе знае дали ќе игра на единствениот Гренд слем на тревна подлога „Вимблдон“.
- Тешко ми е во моментов да размислувам за „Вимблдон“. Сезоната на земја беше долга, a ги одиграв сите натпревари и овие два месеци беа исцрпувачки за мене, потенцира Надал.
Тој иако се пријави на турнирот во Квинс, кој се игра следната недела, сепак не е сигурен дали ќе може да настапи.
- Би сакал секаде да играм, но морам прво да видам како се чувствувам. Голема промена е кога ќе преминете од земја на трева. Порано тоа го правев лесно, но тогаш бев помлад и побрз, истакна шпанскиот тенисер.
Надал би можел да го следи примерот на Роже Федерер, кој оваа година ја избегна целата сезона на земјена подлога.