Во камерната сала на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе се одржи шестото издание на Фестивалот на млади виолинисти „Виолин фест“.

На ревијалниот концерт ќе настапат млади и талентирани виолинисти од музичките училишта од Скопје, Штип, Кочани, Прилеп и Косово, како и студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје. Тие ќе изведат композиции од Вивалди, Крајслер, Равел, Сарасате, Ваксман...

Организатор на „Виолин фест“ и оваа година е Владимир Костов, виолинист и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, чија идеја е на едно место да се презентира талентот на младите виолинисти од цела Македонија.

- „Виолин фест“ наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување пред поширок аудиториум на младите музичари за кои музиката е вистински предизвик, соопшти Филхармонијата.

Оваа година младите виолинисти на сцената ќе бидат придружени од пијанистката Марија Вршкова.

Фестивалот се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија и Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2018 11:52