Не се очекува излевање на поголемите реки во Македонија по најавениот нов влажен бран со поројни дождови, грмежи и ветер од денеска попладне до крајот на неделата.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека водостоите на реките се во тренд на опаѓање и оти иако на места врнежите може да бидат обилни, не се очекува излевање на поголемите реки од своите корита.
- Меѓутоа, доколку процесите бидат поинтензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано зголемување на водостојот на малите реки и суводолиците (на места можни се и локални излевања) чиишто мали сливови не би имале доволно голем капацитет да примат евентуални вакви големи количини на дожд. Кај малите реки и суводолиците со стрмни падови при интензивни врнежи можна е појава на ерозивни процеси при што би дошло до брзо слевање на водата во низводните делови притоа собирајќи со себе дрва, гранки, камења и друг носечки материјал, појаснуваат од УХМР.
Во градските средини доколку има невреме проследено со силен ветер и град можно е да има вода по улиците и подвозниците поради неможноста за нејзино впивање и можното запушување на канализационата мрежа.
При силен ветер можна е појава и на бранови долж крајбрежјето на природните езера во земјата.
Од УХМР препорачуваат на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и претпазливот на оние места каде во наредните денови се очекуваат силни интензивни врнежи од дожд.