Управата за заштита на културното наследство и Центарот за истражување на предисторијата – Скопје во текот на наредниот месец ќе спроведуваат подводни и дендрохронолошки истражувања на остатоците од предисториската наколна населба на локалитетот локалитетот „Плоча-Миќов Град“ што се наоѓа во Заливот на коските на источното крајбрежје на Охридското Езеро.

Истражувањата ќе се реализираат во рамки на меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата - Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.

Како што беше појаснето на денешната прес-конференција по повод означувањето на стартот на проектот, првпат на археолошки локалитет во Македонија ќе се спроведува дендрохронолошко датирање, односно анализа на дрвените остатоци од наколна населба и нивно мапирање со цел да се одреди точната позиција.

- Се работи за нешто сосема различно од досегашните истражувања, а врз основа на добиените резултати ќе можеме да знаеме со точност на кој период припаѓа самата населба, иако според досегашните материјали пред се керамичките артефакти, можеме да констатираме дека се работи за крајот на бронзеното и почетокот на железното време, почнувајќи од илјада години пред нашата ера, појасни директорот на Управата за заштита на културното наследство Елеонора Петрова-Митевска.

Истражувањата ќе се спроведуваат во соработка со експерти по подводна археологија од Универзитетот во Берн, Швајцарија, насочени кон утврдување на староста на секоја градба поединечно и прецизно определување на нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д-моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба.

- Придружните објекти, како музеи со изложени артефакти, сето она што може да им помогне на посетителите да констатираат каков бил животот во минатото, се од полза во насока на развојот на културниот туризам. Оттаму самиот локалитет „Миќов град“ во Заивот на коските е една од најпосетуваните атракции на Охридското Езеро, додаде Митевска.

Нуркачи обучени за подводна археологија ќе собираат материјал за испитување, а на површината веднаш на лице место археолозите ќе вршат анализа, сето достапно и видливо за самите посетители кои на лице место ќе можат да видат како се врши подводна археологија.

Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Универзитетот во Берн, кој триесет години врши подводни археолошки истражувања на локалитети заштитени од УНЕСКО во Швајцарија и јужниот дел на Германија, од своја страна забележа дека постојат големи сличности меѓу локалитетите во алпскиот регион и оние тука на Охридското Езеро.

- Остатоците од наколните населби, поточно дрвото користено за нивна изградба е мошне значајно за прецизно датирање на самиот локалитет. Токму тоа ќе го спроведуваме тука со т.н. метод на калибрирање на годовите на дрвото, во случајот почетно датирање на материјалот, рече тој.

Ова е прво систематско истражување со примена на односната методологија и технологија во овој дел на Европа.

Гоце Наумов од Центарот за истражување на праисторијата при Музејот на Македонија кој ќе раководи со истражувањето, истакна дека методот што ќе се спроведува во Охрид и дендролошката лабораторија за утврдување на староста на материјалот ќе биде инсталирана во Музејот на Македонија, каде ќе се врши датирање не само на археолошки материјали, туку и на икони, инструменти, покуќнина, секој материјал од историско значење изработен од дрво.

Истражувањата на Охридското Езеро се реализира во рамки на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 13:38