Повеќе од 200 експерти по медицина, технолози, инжиниери и нутриционисти од областа на храната и исхраната од 37 земји од целиот свет учествуваат во работата на 5.Конгрес за квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам што од денеска се одржува во Охрид.

На собирот организиран од Консалтинг и тренинг центарот „Клуч“ од Скопје, во соработка со Eвропската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG) и Иницијативата за глобална хармонизација (GHI), научници, истражувачи, професионалци, претставници на компании, на владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци ќе разговараат на актуелни теми од проблематиката на хуманата исхрана, од областа на производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, здравјето на луѓето, преку нутриционизам, хигиенско инженерство и дизајн, се до иновативни технологиии и нови трендови во прехранбената индустрија...

Владимир Кукуринов, доктор по микробиологија зборувајќи за безбедноста на храната кај луѓето, рече дека се работи за комплексна тема што опфаќа многу области, но нагласи дека почетна точка во контролата на квалитетот и безбедноста на храната треба да бидат самите потрошувачи, нивната свесност за потребата од информираност за тоа што купуваат, од каде купуваат и од каде ги црпат информациите за она што го користат.

- Мошне е погрешна практиката кај потрошувачите информациите за храната да ја добиваат преку социјалните мрежи. На Фејсбук обично се ставаат реклами, се пишува за некоја чудотворна храна, лекови што лечат милион болести. Информациите потрошувачите треба да ги бараат во научни списанија, стручна литература или во прва рака, а конечно секој лично да одреди која храна најмногу му одговара, нагласи тој.

Притоа како важен аспект беше посочено самата храна што се консумира да биде соодветна и на географската положба односно користењето производи вообичаени за овој регион.

- Погрешно е да се заговара користење производи за храна, како морска храна во земја како Македонија која не излегува на море. Нашиот организам е навикнат на оваа храна, земјоделски и овошни производи што растат тука, секако истата да е квалитетна и безбедна, забележа тој.

Што се однесува на квалитетот на храната во Македонија, Кукуринов како примарна задача ја посочи свеста кај потрошувачите, но исто така укажа и на неопходноста секоја компанија што произведува храна да има навистина обучен ХАСАП тим за безбедност на храна, кој ќе ги познава проблемите и секојдневно да води сметка за хигиената на самиот производствен процес.

- Кај нас најчесто тоа не е случај, независно инспекците и проверките. Луѓето во самите фабрики треба да имаат одлични познавања за хигиенско инжинерство и дизајн, односно се што е објект, машина, инфраструктурата во самите производствени капацитети да бидат дизајнирани да овозможуваат секојдневно темелно чистење. Сите производители на храна мора да се грижат нивната опрема да биде максимално хигиенски дизајнирана, уште повеќе што речиси нема разлика во цената на обичната и хигиенски дизајнираната, нагласи тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 14:03