Француско-македонската експедиција по 12 дена го заврши патувањето долж линијата на некогашниот Македонски фронт (1915-1918) од Битола до Солун.

Планинарскиот водич Петар Нолев од Битола заедно со францускиот дипломат и писател Емануел Рембер и новинарот и историчар Емануел Ешт 12 дена патуваа со мазга и со коњ претежно низ високи планински предели со надморска височина над 2.000 метри и поминаа 240 километри пеш од Битола до Солун.

Лошиот и недостапен терен, како што велат, ги придружувал постојано, а на три пати патувањето им било проследено со страшно невреме, бура, дожд и грмотевици...

Спиеле во вреќи и шатори, а за да ја доловат автентичната атмосфера јаделе храна како пред сто години, подготвена традиционално.

Францускиот дипломат Емануел Рембер пред почетокот на патувањето рече дека идејата за маршот ја добил додека пиел кафе на Широк Сокак.

- Идејата ми дојде додека седев на терасата на едно кафуле, овде во Битола и во рацете имав разгледници од времето на Македонскиот фронт и ги гледав војниците со магариња како поминуваат на овој пат. Станувам од кафулето и одам на француските гробишта во Битола, ја отворам вратата од Музејот и првата силуета што ја гледам е силуетата на Фернар Рембер, војник со истото презиме како моето кое не е често во Франција. Си реков мора да поминам низ неговите стапки, рече дипломатот Рембер.

Записите од патувањето, како што посочија, ќе послужат да се објави книга за Македонскиот фронт.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 14:05