До крајот на годинава во Виница ќе започне изградба на социјална зграда со 39 стана за лицата од ранливите категории.

Објектот е влезен во годишната програма на Министерството за транспорт и врски за финансирање вакви објекти, а според техничката документација становите ќе бидат со површина од 35 до 45 метри квадратни.

- Веќе е определена локацијата на социјалната зграда во близина на комуналното претпријатие „Солидарност“. Исто така, општината обезбеди градежна маркица и парцела до која има улица и друга комунална инфраструктура, со што се создадени сите услови за градење, рече градоначалникот на Виница Ивица Димитров.

Во тек е тендерската постапка за избор на изведувач и по нејзиното завршување ќе стартуваат градежните работи.

Социјалните станови што ќе можат да се користат по цена од 15 денари за метар квадратен, а во министерствата за транспорт и врски и за труд и социјална политика треба да се усогласат критериумите според кои ќе се прави распределбата на становите.

Освен во Виница, социјални згради треба да добијат Свети Николе и Пехчево со по 34 стана, Пробиштип со 48 стана, а околу уште 300 ќе се градат во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 14:50