Градоначалници и претставници на општините од Југоисточниот плански регион денеска од страна на претставници на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој (АФПЗР) беа информирани за аплицирање проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.

Според Оливер Гоцевски од АФПЗР, на десетте општини од регионот и на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион им стојат на располагање средства по повеќе основи.

- Една од мерките е подобрување на животот во руралните средини, потоа мерката за обнова и развој на селата и мерката за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја. Во првите две мерки максималниот износ е до 20 милиони денари, а во третата е до 15 милиони денари од проект, истакна Гоцевски.

Според Жулиета Ѓуркова, директор на Центарот за развој на Југоситочниот плански регион, овие проекти се многу значајни за сите општини.

- Со средствата кои можат да ги искористат општините може да се направи нешто големо и видливо или да се комбинираат повеќе работи и да се работи во повеќе населени места во општините. Ние, како Центар, аплициравме со проекти од сите три мерки и притоа реализиравме проекти за реконстуркција на домови на културата, уредување на туристички локалитети и изработка на 23 урбанистички планови за општините од Југоисточниот плански регион, рече Жулиета Ѓуркова, директор на Центарот за развој на Југоситочниот плански регион.

Таа додаде дека на следната седница на Советот на градоначалници на Југосточниот плански регион ќе се одлучи со кои проекти ќе конкурираат сите општини од регионот на јавниот повик на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 15:13