Во рамки на 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, денеска беше промовирана книгата „Во четири очи“ од новинарот и театарски критичар Борче Грозданов, која содржи интервјуа со истакнати театарски дејци.
Авторот Грозданов рече дека книгата е создадена во 25-годишната работа на пишување рецензии и преку контактите со многу луѓе од театарската уметност.
- Во ова дело се сместени интервјуа со Трајче Иваноски и неговата сопруга Лидија Иваноска, кои се живи легенди од Прилепскиот театар, со Петар Темелковски. Дел од доајените веќе не се меѓу нас, како Салаетин Билал и Благоја Спиркоски-Џумерко. Од оние уметници што јас ги нарекувам „странски, а наши“ во книгата се интервјуата со Милена Дравиќ, Мирјана Карановиќ, Мустафа Надаревиќ, Александар Морфов, Паоло Маџели и.т.н. Ова е збирка со доајените на театарот што оставиле неизбришлива трага на овие простори, па и пошироко. Најдоцна за две години планирам и второ продолжение на оваа книга - интервјуа со актери, режисери, сценографи, малку постари и помлади од мојата генерација. Инаку, изборот е сведен на 60-ина, заедно со интервјуата од втората книга од околу 200 интервјуа, што ги имам направено во мојата кариера, рече Грозданов.
Инаку, и шестиот фестивалски ден на 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечер на програмата донесува богато театарско доживување за публиката.
Од 19.30 часот на сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ во официјалната програма е првата од двете претстави. Велешкиот театар ќе ја одигра претставата „Тоалет за дами“ од Родолфо Сантана во режија на Деан Дамјановски.
Од 22 часот на сцената од Домот на културата во конкуренцијата за награди е претставата на Драмски театар од Скопје „Лет над кукавичјото гнездо“ од Деејл Васерман и Кен Киси, а во режија на Ристо Алексовски.
Утре на фестивалската програма е последната претстава од 12-те во официјалната програма и во трка за наградите. Продукцијата „Артропија“ од Скопје на сцената од Прилепскиот народен театар од 19.30 часот ќе ја одигра претставата „Ужегнатост“ од Иван Вискочил во режија на Владимир Милчин.
Прилепската фестивалска публика ќе има убава можност утревечер од 22 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ да го проследи гостувањето на театарот на Бугарската армија од Софија со претставата „Железниот светилник“ од Димитар Талев во режија на Асен Шопов.